Мени

Новогодишен базар на Градскиот плоштад од денеска до 10 јануари

15.12.2025 14:19 | KumanovoNews

По повод новогодишните и божиќните празници, Регионалната занаетчиска комора – Куманово, во соработка со Општина Куманово, ќе огранизира базар кој треба да започне од денеска а ќе трае до 10 јануари.

Новогодишен базар на Градскиот плоштад од денеска до 10 јануари

На Градскиот плоштад во Куманово ќе бидат поставени 13 дрвени куќички - наменети за продажба на новогодишни подароци и украси и ќе работи од 10:00 до 22:00 часот.

„Штандовите се наменети исклучиво за промоција и продажба на локални производи и услуги, во духот на новогодишно-божиќната тематика. Изработка на празнични декорации на лице место, домашни органски производи (слатко, мед, џемови, сокови и др.) во соодветна амбалажа, приготвување и продажба на палачинки (слатки и солени), печени костени и ситни грицки. Топли напитоци (чаеви, варено вино, топло чоколадо) – согласно законските прописи“, стои во апликацијата на комората за закупците.

Штандовите ќе бидат доделени без паричен надомест, со цел да се поддржи локалната економија.

Куманово последните две години немаше новогодишен базар, затоа што имаше лошо искуство од предходните години. Наместо празнично уреден базар во центарот на градот се правеше панаѓур,  тезги покриени со церади, најлони и черги, а во понудата покрај новогодишни честитки, украси, елки, сијалички, се продаваат облека, обувки и разни дребулии. 

(Во 2023 година тезгите беа тргнати под притисок на јавноста. фото: Кумановоњуз)

Граѓаните тогаш реагираат на ваквата појава и бараат од надлежните да го преслика искуството од големите светски центри и да организира новогодишен базар како доликува за дружење и уживање на граѓаните.