Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Лекарите од Детска клиника во Скопје ја следат состојбата на новороденчето чија мајка почина во петокот при породување во кумановската општа болница, соопштија денеска од Клиниката за детски болести.
Оттаму велат дека не можат да прогнозираат каква ќе биде состојбата со новороденчето.
„Новороденото е на респираторна машина. Продолжува третманот, рано е дадеме некаква прогноза за последиците. Сè уште е во тешка општа состојба и е на респиратор“, изјави директорот на болницата, Реџеп Мемеди.
Триесет и едногодишна родилка од Куманово почина во петокот при породување, a бебето беше префрлено на Ургентниот центар на Детската клиника во Скопје. Јавното обвинителство ги чека резултатите од обдукцискиот наод, а истрагата ќе треба да ги покаже причините за смртта на младата кумановка.
Жената, која била во девети месец од бременоста, во четвртокот попладне дошла во болницата откако ѝ почнало породувањето. Примена е со прснат водењак, со отпочнато породување и слаби контракции, поради што било чекано да добие спонтани контракции и по природен пат да продолжи породувањето. Откако тоа не се случило, отпочнати се стимулации при што нагло и престанала срцевата работа и ѝ паднал притисокот. Бил викнат анестезиолог за реанимација но без резултати. Жената била однесена во операциона сала за да се извади плодот. Породувањето го вршел доктор од Скопје.
Истрагата ќе ги даде одговорите и ќе утврди дали имало лекарска грешка при породувањето или не, бидејќи се работи за ненадејна смрт од неутврдена причина, кажа д-р Стефан Трајановски, директор на Кумановската болница.