×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Објавен новиот тендер за довршување на пругата Куманово-Крива Паланка

    16.01.2021 11:34 | KumanovoNews

    Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) деновиве го објави тендерот за избор на најповолен изведувач за довршување на изградбата на пругата Куманово-Крива Паланка.

    Објавен новиот тендер за довршување на пругата Куманово-Крива Паланка

    Двете претходни фази на изведба (Куманово-Бељаковце и Бељаковце-Крива Паланка) се споени во еден тендер, а од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“ веќе информираа дека целокупната постапка за избор на изведувач би требало да трае до 9 месеци, пренесува Мета.мк.

    Постапката за избор на изведувач на пругата долга 64,8 километри ќе се спроведе во две фази: претквалификација и квалификација. Претквалификационата фаза ќе трае до 5 февруари и во оваа фаза заинтересираните градежни компании ќе имаат можност да ги достават своите понуди. Од фирмите што ќе влезат во втората фаза од тендерската постапка, ќе се избере најповолниот понудувач.

    Идната градежна компанија што ќе биде избрана да ја гради пругата Куманово-Крива Паланка ќе треба да ја постави и сигналната и телекомуникациската инфраструктура на делот од Куманово до Бељаковце. Во објавениот тендер се наведува дека рокот за изведба на работите е 36 месеци. За избор на нова компанија што ќе го врши надзорот над работите ќе биде објавена тендерска постапка во првиот квартал од годинава. Воедно, поставувањето на сигналната и телекомуникациската инфраструктура од Бељаковце до Крива Паланка ќе се спроведе преку дополнителен тендер планиран за распишување на почетокот од 2023 година.

    Според објавениот тендер на ЕБОР, целокупната вредност на проектот за изведба на оваа пруга на Коридорот 8 и консултантските услуги ќе чинат 151.670.000 евра. Распишувањето на новиот тендер за избор на изведувач на пругата Бељаковце-Крива Паланка следи откако минатата година германската компанија „Вибе“ еднострано го раскина договорот за изведба на првата фаза на пругата Куманово-Бељаковце, по што Владата се одлучи да го поништи огласот и за пронаоѓање на изведувач за втората фаза Бељаковце-Крива Паланка.

    За да се забрза имплементацијата на проектот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија, владата во октомври 2020 се одлучи двете дотогашни фази да ги спои во еден тендер. Во меѓувреме, извршната власт до февруари годинава планира да аплицира за нови грантови на повикот за Инвестициската рамка за Западен Балкан во кои ќе биде опфатена пругата кон Бугарија.

    Во моментов, недостигаат финансиски средства за третата фаза од капиталниот проект, за изградба на пругата од Крива Паланка до Деве Баир. За најсложената секција досега се обезбедени 60 милиони евра преку ИПА 2 инструментот на ЕУ, додека од Министерството за транспорт и врски информираат дека интерес за учество во третата фаза веќе изразиле Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка.