Мени

Објавен списокот на домаќинствата што ќе добијат субвенции за струја

05.12.2025 19:59 | KumanovoNews

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска го објави списокот на сите лица и домаќинства што ќе добијат финансиска поддршка преку Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година.

Објавен списокот на домаќинствата што ќе добијат субвенции за струја

По темелните проверки и вкрстување на податоците со институциите, утврдени се корисниците кои ги исполнуваат условите и стекнуваат право на субвенција.

Право на финансиска поддршка добиваат: домаќинства со лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, домаќинства со лица со најтешка телесна попреченост, домаќинства со потполно слепи лица и домаќинства со потполно глуви лица.

Субвенцијата ќе се пресметува како месечно намалување од 1.000 денари на сметката за електрична енергија, во период од 12 месеци, сметано од денот на поднесување на барањето.

Постапката ја спроведоа комисиите во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, Управата за јавни приходи и ЕВН Македонија. Списокот можете да го погледнете на официјалната веб-страница на Министерството за енергетика: www.energy.gov.mkhttps://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-oglasi/za-potrosuvacka-na-energija

Од Министерството потсетуваат дека неплаќањето на две последователни сметки автоматски го поништува правото на финансиска поддршка.

Програмата за 2025 година вреди 42,3 милиони денари, средства наменети за поддршка на најранливите граѓани – лица со попреченост, корисници на гарантирана минимална помош и домаќинства со ниски приходи. Покрај субвенциите, мерките вклучуваат и ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритетно отстранување дефекти и заштита од исклучување во зимските месеци.

Министерството уверува дека останува посветено на создавање безбедно и достапно енергетско снабдување за сите граѓани.