Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Децата од градинката “Ангел Шајче“ денеска донираа облека, обувки, играчки и книги за децата од социјално загрозени семејства.
Оваа хуманитарна акција е насловена “Од дете за дете“, се организира на иницијатива на Министерството за труд и социјална политика и понатаму ќе продолжи да се спроведува.
“Целта е да се поттикне хуманоста, солидарноста. Оваа донација е соберена од децата, од нивните родители и во собирната акција се вклучени 104 донатори - родители. Има многу облека, чевли, играчки, детски книги кои денеска ги предаваме на меѓуопштински Центар за социјални работи, а тие ќе одлучат каде ќе бидат распределени. Овој проект ќе се реализира во текот на цела учебна година“ - вели Марина Алексовска, директорка на “Ангел Шајче“.
Од Центарот за социјални работи велат дека донацијата во најбрз можен рок ќе им биде доставена на децата на кои им е потребна.
“Денеска вршиме преземање на оваа донација која траеше од 13 до 17 октомври. Во најкраток можен рок ќе се изврши распределба и реализација на оваа донација. Донацијата ќе отиде баш онаму каде што највеќе е потребна, а тоа се деца изложени на социјален ризик, деца без родители и деца со еден родител“ - кажа Ивана Лазаревска, координатор на акцијата од Центар за социјални работи Куманово.
Истата акција се спроведува во повеќе градови ширум Македонија.