×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Образованието е клучeн проблем на ромската заедница, едвај 20 отсто од децата одат на училиште

    08.04.2025 07:22 | Оливера Пешевска

    Бројките за завршено основно образование кај ромските деца во Куманово се поразителни.

    Образованието е клучeн проблем на ромската заедница, едвај 20 отсто од децата одат на училиште

    Од повеќе од 60 деца кои годишно се запишуваат во прво одделение, само 8 до 10 успеваат да го завршат основното училиште. Ова го посочуваат од Центарот за ромска заедница ДРОМ, по повод 8 Април – Светскиот ден на Ромите.

    „Образованието е клучниот проблем на ромската заедница. Доколку Ромите го комплетираат образованието, ќе имаат поголеми шанси за вработување и подобар живот. Потребни се образовни асистенти и институционална поддршка. Без тоа, нема ниту ефект, ниту резултати“, вели Ахмет Јашаревски од ДРОМ.

    Во соработка со УНДП, бил спроведен проект за образовна поддршка, кој подоцна го презело Министерството за образование. Но, последните години, резултатите се минимални.

    Како алтернатива, со поддршка од локалната самоуправа, бил реализиран и проект за вечерно училиште во ООУ „Христијан Карпош“ и „11 Октомври“. Сите 40 учесници добиле сертификат, но не и сведителство, бидејќи постојниот Закон за образование не ги признава овие програми како официјално завршено основно образование.

    „Потребни се измени на законот, особено за едукацијата на возрасни. Апелираме до надлежните што побрзо да реагираат“, додава Јашаревски.

    Дополнителен проблем е непостоењето на систем за евиденција на деца кои се враќаат од странство. Голем дел од нив остануваат надвор од институциите, без можност за повторно вклучување во наставата. Според ДРОМ, потребни се долгорочни и системски мерки за нивно враќање во образовниот процес.

    Дневниот центар за деца од улица, кој функционираше две години, не добил поддршка од општината да продолжи со работа и во 2025 година. Од организацијата информираат дека поднеле барање до Министерството за социјална политика за добивање лиценца, но сè уште немаат добиено одговор.

    Сепак, во делот на вработувањето, ситуацијата е нешто подобра. Отворањето на индустриски зони во Куманово и Скопје овозможило нови работни места, од кои дел се пополнети и од ромската заедница.

    „Се бара работник повеќе, особено во индустријата и трговијата. Ова е позитивен тренд за Ромите, кој води кон подобра вклученост и еманципација во општеството“, оценува Јашаревски.

    Иселувањето на ромското население и натаму е изразено. Покрај миграцијата кон земјите од Западна Европа, значителен број се сели и во други региони на Македонија, најчесто на западот.

    Жителите на Средорек и Бавчи и понатаму се соочуваат со основни инфраструктурни проблеми. Голем дел од куќите се дивоградби, без можност за легализација, а со тоа и без пристап до водовод, канализација, улично осветлување и организирано собирање отпад.

    Според последниот попис, во Куманово живеат 2.796 Роми, наспроти 4.296 колку што биле запишани во 2002 година. Пред 90-тите години, градот броел околу 12.000 жители од ромска националност.