Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дваесетина млади невработени луѓе од Куманово денеска во Комитет следеа обука за да совладаат вештини со кои полесно ќе се вработат.
Повеќето од нив завршиле средно образование или факултет, но сеуште не успеале да се вработат и затоа решиле да се пријават за учество на оваа обука.
Браќата Никола и Стефан Ристиќ од Куманово велат дека ваквите обуки се корисни за младите и се отскочна даска за понатамошната нивна кариера.
Имам 22 години, по струка сум електротехничар енергетичар. Мислам дека оваа обука ќе ми помогне и дека ќе успеам да најдам работа. Каде и да видам оглас, аплицирам, ама нема работа. Досега не сум наишол на работа која ќе ми одговара и ќе ме исполни - вели Никола Ристиќ.
Неговиот брат Стефан има 18 години и годинава завршил економско училиште, струка маркетинг и менаџмент, но сеуште никаде не конкурирал за работа. Основни познавања за тоа како се пишува кратка биографија и мотивационо писмо има, но сака да научи нешто повеќе.
Ова е многу е корисно за мене за почеток. Работно искуство немам, не сум барал работа посериозно уште. Имам цв подготвено, напишано, но сакам да се усовршам - додава Стефан Ристиќ.
Обуката ја организира Општина Куманово во соработка со Гешталт Солушнс од Штип. Тие велат дека над 20 отсто од луѓето кои досега се обучени успеале да најдат работа.
Целта на проектот е подобрување на општата вработливост на невработените од Куманово и околината. Предвидена е серија од шест тренинг модули кои опфаќаат теми: како да се дојде до информација за работа, како се пишува цв, мотивационо писмо, како се однесува за време на интервјуто. Ќе научат кои информации да ги стават во сивито, и она што го знаат како да го истакнат - изјави Петар Атанасов, координатор на проектот од Гешталт Солушнс.
Филип Лазаревски од секторот за локален економски развој при Општина Куманово објаснува дека ваква обука се организира по вторпат.
Претежно се млади од 18 години па нагоре, тие завршиле средно училиште и сакаат да се вработат. Имаат волја за вработување и ќе стекнат вештини, ќе научат како да се однесуваат кога одат на интервју очи во очи со работодавците - кажа Лазаревски.
Шесте обуки ќе се реализираат во наредните три седмици, а по завршување на обуките сите учесници ќе добијат сертификати.