Од 1 февруари започнува казнувањето преку „Безбеден град“, изгласани измените на Законот за прекршоци
Денеска Собранието ги донесе измените на Законот за прекршоци, со кои стартува проектот „Безбеден град“ со кој се активираат уличните камери за казнување за сообраќајни прекршоци.
Со ова се отвора патот за почеток на системот за автоматско снимање и санкционирање сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ од 1 февруари во Скопје, Куманово Тетово.
Законот предвидува зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци утврдени со помош на технички средства и уреди за снимање. Брзото и ефикасно санкционирање на прекршителите и изрекувањето санкции се очекува да влијае на генерална превенција во областа на безбедноста на сообраќајот.
Со овој предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците се предвидува можност за примена на новите технологии (систем за детектирање преку технички средства и уреди за снимање), кои може да бидат добра алатка за брзо и ефикасно детектирање на сообраќајните прекршоци и спроведување на процесот на нивно санкционирање.
Во првата фаза системот ќе регистрира прекршоци како: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци.
Кога системот ќе биде целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе може да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.