×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Казни од 40 и 50 евра за користење мобилен и слушалки на пешачки премин

    26.09.2025 10:13 | KumanovoNews

    Пешаците кои преминуваат пешачки премин и разговараат на мобилен телефон и користат слушалки, како и возачите на велосипед, мопед, мотоцикл, трицикл и четирицикл, за време на управувањето користат електронски уреди ќе бидат казнети.

    Казни од 40 и 50 евра за користење мобилен и слушалки на пешачки премин

    Од денеска стапуваат на сила измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, се усвоени со цел да се унапреди безбедноста на најранливите категории на учесници во сообраќајот и да се намали бројот на случени сообраќајни незгоди како последица на невнимателно однесување во сообраќајот.

    Согласно законските измени, казната за поминување на пешачки премин со телефон во рака или на уво е 40 евра, а за возење тротинет, мотор или трактор со користење на електронски уред казната е 50 евра.

    Новите законски решенија се воведуваат во насока на елиминирање на одредени навики кај пешаците и возачите од определени категории возила, меѓу кои ги издвојуваме :

    • „Пешакот е должен кога се движи по коловоз под услови утврдени со овој закон или кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента, да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред со кој би му се намалило вниманието додека го преминува коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента.“

    • „Возачот на велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и четирицикл, за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред, со кој би му се намалила можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови.“

    • „Возачот на електричен тротинет за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред со кој би му се намалила стабилноста и можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови.”

    Ова подразбира поставување нови стандарди за одговорно однесување во сообраќајот, при што, пешаците, велосипедистите, возачите на електрични тротинети и останатите учесници во сообраќајот предвидени со законското решение, се обврзуваат да учествуваат во сообраќајот без да користат електронски уреди кои им го одвлекуваат вниманието.

    Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата нагласува дека целта на ваквите законски измени е создавање на услови за поголема безбедност, намалување на ризиците и заштита на човечките животи.

     Советот апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, бидејќи безбедноста на патиштата е заедничка одговорност на сите.