Од денеска до 15 септември училишниот прибор ќе се продава по намалени цени
Од денеска се намалуваат цените на училишниот прибор за 10 и 15 проценти.

Владата на последната седница донесе одлука и ги задолжи трговците да ги намалат цените за најмалку 10 и 15 проценти и таа ќе важи од 15 август до 15 септември.
Одлуката е донесена поради тоа што дел од трговците пред почетокот на новата учебна година ги зголемиле цените на училишниот прибор, со што директно влијаат за зголемување на трошоците на семејниот буџет на граѓаните.
„Трговците на големо ќе го намалат училишниот материјал за најмалку 10 проценти, додека во трговија на мало за најмалку 15 проценти. Со оваа одлука се намалуваат цените на ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала (економични, пластични), дрвени и мрсни бои, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст маркери, темперни, акрилни, водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли и етуи, лепило, шестар, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни и материјали за изработка, како и други производи потребни за учениците, што ќе значи пониски цени и пристапност за сите наши граѓани“, соопшти Владата.
Исто така, трговците се должни покрај новата намалена цена на производите, да ја објават и старата цена која важела на 1 јуни 2025.
Пред влезот во продажниот објект или на друго истакнато место во продавницата, треба да биде јасно и видливо истакнат плакат со натпис за попуст на училишен прибор. Државната пазарна инспекција ќе следи на терен дали препораката се почитува.