Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Општата болница Куманово од февруари ќе се врши преглед на доплер на крвни садови на екстремитети. Метода ќе се спроведува на Одделот за дерматовенерологија, а ќе ја изведува д-р Мирјана Србиноска.
Доплер како услуга во болницата бил достапен до март 2020 година, но поради технички проблеми дијагностиката била прекината. Неодамна раководството одлучило повторно апаратот да се стави во употреба, по што е направено сервисирање на апаратот од овластен сервисер.
„Го имаме апаратот, имаме и обучен лекар кој и порано го спроведувал испитувањето, па не гледам причина зошто повторно не би се вовела оваа дијагностичка метода. Има интерес и потреба кај пациентите и ние како, здравствен центар правиме се што е во наша можност да им излеземе во пресрет, да им обезбедиме здравствена заштита и да ги поштедиме од губење време и пари на испитувања во Скопје или во приватните ординации“, истакна директорката Биљана Ивановска.
За почетокот прегледите ќе се извршуваат еднаш неделно, а со ехокардиографот ќе работат обучени кардиолози. Планирани се и нови вработувања за доекипирање на квалификуван тим. Со тоа и можноста за амбулантни прегледи на пациенти ќе се зголеми, ќе се воспостави почесто редовна пракса и ќе има поголем опфат на луѓето кои имаат индикации за ваков дијагностички метод.
Закажувањето на преглед е задолжително со упат од матичен лекар до докторката или со упат од доктор специјалист преку системот „Мој термин“.
Доплер на екстремитети е неинвазивна дијагностичка метода, каде се следи протокот на крвните садови на екстремитетите. Со оваа метода се докажуваат стеснувања или комплетни запушувања на овие крвни садови, кои може да доведат до јаки болки во потколениците при пешачење, евентуални рани или гангрени по стапалата и нозете.
Во последните неколку месеци во Општа болница Куманово се воведоа или се реактивираа услуги кои не беа достапни извесен временски период- се рестартираше Кабинетот за дојка по пауза од 6 години, повторно, по две години се спроведуваат операции на катаракта, се воведоа бесплатни испитувања за генетски нарушувања на плодот на бремените жени и се воведе колонскопски преглед.