Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Домаќинствата и фирмите во Куманово кои користат гас од овој месец ќе плаќаат сметки повисоки за над 200 отсто. Наместо 25 денари за кубен метар како што беше минатата година сега потрошениот гас ќе го плаќаат по 80 денари.
Ова огромно зголемување на цената се должи на енергетската криза, па ЈП „Куманово-гас“ новата набавка на гас го чини двапати поскапо во однос на предходната година.
„Ова не е до нас и не зависи од нас, таква е состојбата во целата држава и во Европа. Досега гасот го продававме по 25 денари за метар кубен, а сега ќе биде 80 денари. Граѓаните се бунеа дека им е скапо и на предходната цена, а сега можам да замислам. Ако некој месечно трошел 100 кубика и плаќал 2.500 денари сега ќе треба да плаќа 8.000 денари. Ние ги известивме потрошувачите за поскапувањето и тие ќе одлучат дали ќе го користат или не“, изјави директорот на ЈП „Куманово-гас“, Никола Денковски.
Во Куманово има 400 физички и правни лица потрошувачи на гас, а општината и јавното претпријатие во изминатите години го субвенционираа приклучокот за граѓаните, заради финансиските и еколошките придобивки. На гасоводот се приклучени и повеќа јавни институции, училишта, градинките и други државни и општински установи, за кои зголемувањето на цената на гасот ќе биде удар по нивните буџети.
Претпријатието засега има обезбедно гас за еден месец, а постоела опасност да остане и без тие количини и да ги остави потрошувачите без природниот енергенс, ако снабдувачот во државата не ја добил нарачката од рускиот пазар во последен момент.
„Имавме известување од фирмата „Пром-гас“ од 1 јануари нашите потрошувачи да си бараат алтренативно решение за затоплување, бидејќи нема да ни испорачаат ни минимални количини. Во последен момент, на 31 декември успеавме да добиеме гас само за јануари. Ние уште во септември побаравме 130.000 кубни метри гас, а добивме само 90 кубици. Според најавите на трговците се очекува во наредниот период да се стабилизира снабдувањето на светскиот пазар и постепено да се вратат старите цени. Да се надеваме дека ќе биде така“, вели Денковски.
Тој смета дека набавените количини ќе им траат и повеќе од еден месец, бидејќи очекува дека високата цена ќе ја намали потрошувачката. Олеснителна околност е и тоа што училиштата не работат поради зимскиот распуст, па и тука ќе заштедат.