Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со низа манифестации денеска во Куманово беше одбележан 8 април-Светскиот ден на Ромите.
Партијата Демократски сили на Ромите во Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ организираше свеченост, на која лидерот Шабан Салиу кажа дека напредок има кај ромската заедница, но треба уште многу да се работи бидејќи Ромите се најсиромашна и најнеобразована етничка група во земјава.
Од 2006 година, па наваму се чувствуваат одредени промени. Еве и средно училиште во Шуто Оризари треба веќе активно од септември да работи. Подобрено е образованието, можеби повеќе од 300 луѓе имаат завршено факултети, а уште толку сигурно има на универзитетите. Се прават многу работи, меѓутоа состојбата на ромската заедница е тешка. Има одредено подобрување и мора поконкретно да се зафати, да има едно поголемо вработување од 2000 луѓе. Стипендии се даваат од Влада на Република Македонија“ - вели Салиу.
Севџан Сулејмановски, претседател на општинската организација на Демократските сили на Ромите во Куманово, објаснува дека во државните институции има вработени Роми, но во општината сеуште нема.
Порано немаше образовани Роми, сега има со завршени разни факултети, Педагошки, Правни, Филолошки и други. И ние сме дел од ова општество, од овој град и се надевам дека ќе има дијалог за ова“- рече Сулејмановски.
Нешто подоцна на платото пред Центарот за култура, Здружението “Рушит Шакир“ организираше хепенинг по повод Светскиот ден на Ромите.
Светскиот ден на Ромите се слави во целиот свет и денеска сите Роми празнуваат. Честа е голема да имаме ваков број на учесници кои ќе бидат дел од оваа манифестација. Имаме доста учесници, кои ќе пеат, групи кои ќе настапат, фолклор од “Срма“. Сите тие се извонредн“ - вели Самет Салиевски, претседател на “Рушит Шакир“.
Двата настана ги проследија претставници од ромската заедница, од политички партии и граѓани.