Одбележани 144 години од раѓањето на Гоце Делчев
Во Гимназијата „Гоце Делчев“ денеска беа одбележани 144 години од раѓањето на херојот Гоце Делчев.

Пред бистата на Делчев во дворот на училиштето цвеќе положија делегации од политичките партии, Советот на општина Куманово, Здружението на пензионери Куманово, Здружението на бранители „2001 Куманово“ и други.
Чест и задоволство ми претставува да ве поздравам и да ви посакам добедојде од мое име и од име на вработените во училиштето, по повод 144 години од раѓањето на нашиот великан, револуционер, а воедно и наш патрон Гоце Делчев - рече директорот Горан Димитријевиќ.
Учениците говореа за ликот и делото на Делчев, за кој кажаа дека бил учител, револуционер и светла личност од македонската историја. Човек кој бил патоказ за минатите, сегашните и идните генерации.
Во ликот на Гоце Делчев е олицетворен стремежот на македонскиот народ за своја држава. Сон на генерации кои се бореле за овие идеали и реалност кој што денес сите ние ја живееме. Современата македонска држава почива на темелите на една непрекината борба векови наназад, Борба која во Илинденскиот период ја доживува својата кулминација - изјави ученикот Ангел Арсовски.
Гоце Делчев е роден во Кукуш на 4 февруари 1872 година, а загинал во Баница на 4 мај 1903 година. Тој е македонски револуционер и национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.