×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Општината го продолжи договорот со ЦКБ, месечната кирија е 1.340 евра

    29.11.2024 08:55 | KumanovoNews

    На уште две години е продолжен договорот за закуп на деловен простор во Централна кооперативна бакна (ЦКБ), кој се користи за службите на администрацијата во Општина Куманово.

    Општината го продолжи договорот со ЦКБ, месечната кирија е 1.340 евра

    Месечната кирија е 1.340 евра за закуп на 268 квадрати на еден кат, каде се сместени Секторот за образование, Секторот за правни работи и Локален економски развој. Годишно ќе изнесува 16.000 евра без режиските трошоци.

    Советот на Општина Куманово на последната седница ја изгласа одлуката за потпишување на анекс на договорот со кој и во наредните две години ќе продолжи користењето на просторот и плаќањето на кирија.

    „Цената останува иста, односно 5 евра за квадратен метар, вкупно 1.340 евра во денарска противвредност на месечно ниво. Условите од договорот се исти, со овој анекс се продолжува времетраењето на договорот. Во член 2 од анексот е наведено дека тој има времетраење од две години, од денот на истекот на договорот, со право на првенство при истек на договорот за закуп и право Општина Куманово да го откаже анексот на договорот пред истекот на неговото времетраење со отказен рок од 30 дена“, објасни пред советниците Иван Ангеловски, раководител на правниот сектор.

    Ангеловски потенцираше дека општината нема услови, и не може да најде друго место за сместување на дел од општинската администрација. Првиот договор е потпишан на 17 декември 2018 година, а со анекси досега е продолжуван во два наврати.

    На ЦКБ во изминатите шест години веќе се исплатени 96,5 илјади евра, само по основ на закуп, а плус режиските трошоци.

    Општина Куманово зa 10 години потрошила над 420.000 евра само за закуп на простор во зградите на поранешната дирекција на „Козјак“ и на ЦКБ банка, во кои се сместени службите на локалната администрација. За вкупна површина од 1.144 квадратни метри, од општинскиот буџет се издвојуваат 5.228 евра месечно. Договорите се потпишани во 2015 и 2018, откако постоечките канцеларии во општинската зграда станале претесни за зголемениот број на вработени. Локалната администрација во Куманово брои околу 220 вработени.