×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Општината ќе изгради четири нови детски игралишта, граѓаните бараат да се најде решение за нивно одржување

    25.07.2023 10:07 | Сузана Николиќ

    Се гради едно од четирите детски игралишта за кои средства одвои Општина Куманово. 

    Општината ќе изгради четири нови детски игралишта, граѓаните бараат да се најде решение за нивно одржување

     Игралишта ќе се постават на улиците Октомвриска револуција - локалитет Водовод, Есперанто, Кошеви во населбата Гоце Делчев и во селото Черкези. 

    „Ова година имаме планирано да изградиме неколку детски катчиња, апелот на граѓаните е голем и ќе продолжиме со тоа темпо. Локацијата на детските катчиња ја одредува Секторот за комунални дејности, врз база на претходно подготвен елаборат и направени анализи се поставуваат таму кај што сметаат дека е најнеопходно“, кажа на последната седница на советот градоначалникот Максим Димитриевски, кој најави дека со ребалансот на буџетот можно е да се предвидат средства и за нови игралишта.
      
    За изградбата на четирите игралиште Општина Куманово издвои 4.7 милиони денари или околу 76 илјади евра. Фирмата која го доби тендерот е Арс Дизајн од Куманово.

    Изградбата на детското катче на улицата „Октомвриска револуција“ уследи по барање на месната заедница „Панче Пешев“,  бидејќи во овој дел од градот има доста зелени површини, но без содржини. Паркот е запуштен и ја нема функцијата за која е наменет.

    Изградбата на Октомвриска започна пред 3,5 недели. Поставена е бетонска подлога, ризла, а просторот е ограден со заштитна жица. Најверојатно деновиве ќе биде наместена и урбаната опрема. 

    „Одржувањето на катчето ќе биде најголем проблем, бидејќи е изграден во средина на паркот, а тревата не се коси редовно.  Нема ни осветлување и ќе биде мета на вандали. Го потсетуваме градоначалникот дека пред три години ни вети уредување на паркот, бидејќи ако остане вака со запуштена околина џабе се потрошени парите“, велат станарите од околните згради.

    Прашањето за одржување на детските катчина на последната седница го актуелизираше и советничката на ВМРО-ДПМНЕ Елена Доцевска - Божиновска, која кажа дека има постојани реакции од родителите дека најголем дел од детските катчиња се уништени и неупотребливи.

    „Тие се водат како имот на општината, меѓутоа нема некој надлежен кој се грижи за нивно одржување. Бидејќи тендерска постапка за поставување на 4 нови детски катчиња е завршена се очекува во наредниот период тие да бидат поставени, значи имаме причина плус да размислуваме во насока на нивно одржување и заштитување. Дали е можно со предлог одлука на некоја од наредните седници да се стават под надлежност на ЈП „Куманово-паркинг“, праша Доцевска Божиновска

     Градоначалникот Димитриевски вели дека ЈП “Куманово - паркинг“, веќе има бројни обврски за одржување на спортските објекти, па ќе се почека извештајот за да се видат резултатите од нивната работа, и потоа да се одлучи што ќе се прави.  

    „Доколку успешно менаџираат можеме да разговараме за давање на други обврски и надлежности,  бидејќи општината треба да плати за тоа. Во спротивно зошто би ги задолжувале со нешто ново. Во тој случај општината преку тендерска постапка би требало да избере фирма кој што ќе ги одржува, за да има ефект“, кажа Димитриевски.

    Во Куманово речиси сите детски катчиња се делумно и целосно оштетени. Такви се кај спортската сала, на кејот на реката Кумановка, во Соколанскиот парк, додека останатите кои ги градеа политички партии или поединци во градот и во населбите, речиси и ги нема.

    Најмногу реакции има за детското катче кај спортската сала, кое е несредено и оштетено. Родителите се жалат дека нема каде да ги изведат децата да се поиграат затоа што игралиштето е небезбедно.

    Ова детско игралиште пред неколку години беше изградено преку проект на Центарот за Североисточен плански регион, како дел од реконструкција на паркот кај спортската сала.

    Од Општина Куманово велат дека тие не се надлежни за одржување на детскиот парк, туку тоа е обврска на оној кој го градел. Од  Центарот за Североисточен плански регион, пак,  велат дек тие го пределе на катчето на Општината и обврската за одржување е нивна. 

    И додека се префрла одговорноста и се бара решение за проблемот, вандалите не мируваат. На мета им е се што е општествено добро. Последна во низата беше градската фонтата кај споменикот на Батко Ѓорѓија, која беше уништена за само десетина саати откако беше пуштена да работи.

    Кумановчани се гневни од однесувањето на поединци, но сметаат дека тоа ќе се реши само со строги казни. Затоа бараат од МВР и надлежните општински служби да поведат ред, и во координација да ја санкционираат оваа масовна појава, за да не се трошат народни пари за исти проекти, кои повторно не се во функција на граѓаните.