Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Машко лице завиткано во албанско знаме, синоќа ја откорнало таблата со грбот на Република Србија на српскиот Конзулат во Куманово.
Амбасадата на Србија најостро го осудува вандалскиот чин и бараат што поскоро да биде откриен сторителот на овој насилен чин.
„ На 28 ноември во доцните вечерни часови, младо машко лице, обвиено со албанско знаме, насилно ја отстрани таблата со грбот на Република Србија и натписот ‘Конзулат на Република Србија во Куманово – Почесен конзул’, напишан на српски и македонски јазик. Изразуваме длабока загриженост во врска со вчерашното сквернавење на државните симболи на Република Србија и загрозување на безбедноста на просториите на Конзулатот на Република Србија во Куманово, особено имајќи го предвид фактот дека просториите на дипломатско-конзуларните претставништва и резиденцијални објекти наменети за членовите на дипломатскиот персонал на Република Србија, не е првпат да бидат предмет на вандалски напади на територијата на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението од Амбасадата, која до медиумите достави и видео од безбедностите камери на кое се гледа уништувањето на државните симболи на Србија .
Од српската Амбасадата се надеваат на што поскоро откривање и процесуирање на сторителот на насилниот чин, чиј идентитет може недвосмислено да се утврди врз основ на достапните снимки од безбедносни камери.
„Амбасадата на Република Србија останува посветена на негување пријателски односи со Република Северна Македонија и изразува уверување дека надлежните органи на земјата домаќин, во духот на развиените билатерални односи и добрососедството, ќе направат се за да се реши овој случај на адекватен начин“, додаваат од Амбасадата на Србија.
Прославата на Денот на албанското знаме во Куманово започна вчера околу пладне со одржување на концерт на Градскиот плоштад во организација на Општината, а попладне продолжи по кумановските улици кога поголема група на луѓе, пеш или со возила со развирени албански знамиња го блокираа сообраќајот. Притоа извикуваа УЧК и удараа по автомобилите. Едно лице е приведено, затоа што не почитувало наредба на службено лице, а шест автомобили биле оштетни додека траела прославата од 18 до 22 часот во централното градско подрачје, а која не била најавена.