Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дислокација на монтажните објекти покрај булеварот „Октомвриска револуција“, за да се изгради кеј на реката Кумановка, е едно од барањата на жителите од овој дел од градот.
Тие, дополнително бараат и уредување на парковите и зелените површини, засадување на нови дрвца заради намалување на загадувањето, поголема хигиена и решавање на хаосот со паркирањето.
Населбата покрај булеварот „Октомвриска револуција“ на потегот од автобуската станица до спортската сала, е единствената која ги исполнува условите за хумано живеење, со зелени површини и паркинг простор за станарите во зградите, но за жал тие се запуштени, узурпирани и неуредени за функцијата што ја имаат.
Жителите потсетуваат дека уште во 2021 година добиле ветување од Општината дека ќе се дислоцираат монтажните објекти од зградата на „Нико“ до Зеленото пазараче, и дека ќе се продолжи изградбата на Градскиот кеј покрај булеварот.
„Еве четврта година како ништо не е направено, не само што нема збор за отстранување на бараките и изградба на кеј, туку не се расчистуваат ниту тротоарите за да може да се помине. Тука секојдневно никнуваат нови монтажни објекти. Водата од пералниците се излева на тротоарот и на улицата. Од камиони со цевки и лимови не може да се помине ни пеш, а камоли со детска количка. Се движеме по коловозот, а знаеме колку брзо се вози, буквално ги ризикуваме животите за малку рекреација и свеж воздух. Уште казна да ни напишат за непрописно движење“, вели Александар Трајковски, претседател на МЗ „Панче Пешев“.
И по Деталниот урбанистички план (ДУП) на просторот кај монтажните објекти е планиран за зелена површина. Станува збор за државно земјиште, па останува нејасно како се издаваат дозволи за подигање на такви објекти, кои не можат да се легализираат затоа што се карактеризираат од времен карактер.
Паркирањето и паркинг местата се исто така голем проблем за жителите, кои во неколку наврати се обраќале до ЈП „Куманово паркинг“ и до градоначалникот, за кои велат дека немаат слух да се изнајде решение. Околу зградите секојдневно се паркираат повеќе од 800 возила, од кои повеќето не се на станарите. Капацитетот е за близу 500 возила. Поради тоа е узурпирана секоја слободна површина, улица, тротоар, зеленило. Станарите решението го гледаат во изградба на катна гаража. Слободните површини зад гостилница Жмара, Табакана, нивите кај Ореов лад и кај Житомел, според општинските служби не се предвидени за паркинг, туку за друга намена.
„Бевме на неколку средби со директорот на „Куманово паркинг“, дискусијата на моменти беше многу жестока. Нема да ни го решат проблемот иако дадовме повеќе сугестии- да се постават рампи, да се решава паркирањето по урнекот на Скопје, да се обележат и прошират паркинг местата“, продолжува Трајковски.
Во 2022 година била покрената иницијатива за воведување на Б паркинг зона, по што повеќе од 70 проценти од станарите потпишале петиција против овој предлог.
Трајковски вели дека има и премногу казина на толку мал простор, повеќе од 4 само на паралелната уличка со булеварот. Често се слушаат караници и тепачки, а казината работат 24 часа дневно, па за жителите и нема голема разлика кој период од денот е. Тука се и се побројните кафулиња, за кои велат дека засега имаат толеранција.
Основното прашање за квалитетот на воздухот го адресираат до инспекциските служби, кои ништо не преземаат за спречување на палење на пластика, стари гуми, хемиски третиран дрвен мебел и останат смет кој секојдневно го гуши населението. Постојано во јавноста се пласираат слики и видеа од црн чад, неретко во кадар се и лица кои најверојатно го потпалуваат, но не се преземени никакви санкции или било какви мерки за спречување на појавата.