Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На Градскиот плоштад денеска беше отворена саемската манифестација “Денови на медот 2015“, на кој мед и пчелни производи изложија 13 производители од Куманово и еден од Берово.
Саемот ќе трае се до сабота, а граѓаните на штандовите ќе можат да купат квалитетен мед. Пчеларите велат дека оваа година времето не им се погоди и затоа имаат извадено само 10 до 15 килограми мед по кошница.
Може да се најде полифлорен мед од повеќе билки, ливадски, монофлорен, багремов. Зависи од регионот, некаде беше природата подарежлива, некаде посурова. Знаете дека беше долг сушен период и го нема нектарот во природата. Послабо медоносна беше оваа година, не како претходните. Услов за една добра медоносна година пред се сè климатските фактори, пред се дождови, треба да има влага и температура до 25 степени“-изјави Часлав Ристовски, претседател на пчеларско друштво “Пчела“ кое го организира саемот.
На шестнаесетиот по ред саем кој е под покровителство на градоначалникот Зоран Дамјановски, се обрати Горан Митевски, раководител на секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции. Митевски кажа дека и во иднина општината ќе продолжи да го поддржува саемот.
Производителите се за пример во Македонија и организираноста на оваа асоцијација. Ги поздравувам сите учесници и во име на градоначалникот ја прогласувам оваа манифестација за отворена - рече Митевски.
Пчеларот Круме Арсовски кој одгледува стотина кошници во атарот на село Орашац, вели дека оваа година била послаба од лани со производство на мед.
Ако споредиме кога имавме по 80 килограми по кошница и сега по 15-16, тоа е катастрофа, меѓутоа поднебјето е такво, времето беше такво и тоа е. Со пчеларство се занимавам 35 години - рече Арсовски.
Пчеларот Милорад Арсовски поседува над сто сандаци со пчели во Стрезовце и е задоволен од продажбата на мед. Вели дека граѓаните го купуваат медот пред се затоа што е здрав продукт.