Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Започна со работа првата Академија за напредни технологии и иновации „Иноватор“ во Куманово. Формирана е од група ентузијасти кои сакат своето знаење да го пренесат на младите, но и на сите останати коишто имаат желба да научат за новите достигнувања во технологијата.
Дел од тимот се Игор Тимчевски сопственик на К-Нет и Бобан Поповски, професор по информатика, кои во новиот центар гледаат место коешто ќе ги собере сите заљубеници во напредните технологии и каде ќе се организираат активности, ќе се развиваат идеји и проекти како во некогашната Народна техника.
„Формирањето на центарот и отпочнувањето со едукативната работа е идеја којшто се гради веќе извесен период, но поради ковид кризата мораше да почека. Ние сме љубители на нови технологии и прогрес, па поради тоа она што го знаеме и умееме сакаме да го доближиме до помладите генерации, тоа е новата технологија, почнувајќи од лабораторија со 3Д принтери, а потоа дронови, ЦНЦ машини, електорника, роботика и се друго што го носи новото време“,- изјави Тимчевски, претседател на Здружение за имплементација на напредни технологии „Иноватор“.
Со цел да ја претстават својата програма до пошироката јавност тие до сабота ќе организираат отворени денови каде ќе бидат презентирани курсевите коишто ги организираат. Првиот наставен пакет опфаќа курсеви за 3Д печатење, 3Д моделирање и запознавање со напредните технологии и софтвери со акцент на конкретна практична работа.
Се надеваме дека ќе имаме доста ученици и студенти, луѓе коишто ја сакаат технологијата независно од возраста. Ова не е класично училиште туку повеќе како едукативен-технолошки центар. Во едни други времиња опстојуваше Народна техника каде што можеше секој да отиде и побара совет, да сподели искуство и да се дружи со луѓе коишто ја сакаат техниката. За жал во денешно време такви институции нема и затоа ние сакаме со одредени курсеви да се доближиме до граѓаните. Јас искрено се надевам дека нашата работа ќе создаде поголеми проекти кои ќе бидат интересни за пошироката јавност и ќе помогне во развојот на технологијата“, - додава Тимчевски.
Курсевите ќе траат 3 месеци, по три часа неделно. Академијата се наоѓа спроти училиштето „Крсте Мисирков“.
Тимот којшто стои зад „Иноватор“ е составен од истите луѓе коишто минатата година изработиа и донираа 1600 визира во Општата болница Куманово и во други здравствени установи во државата.
(С.Н.)