Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска денеска на граничниот премин Табановце отвори сувенирница.
Ова е 19-та по ред од планирани 20 сувенирници, а последната која треба да се отвори е на граничен премин Деве Баир. Сувенирницата располага со широк спектар на сувенири, кои ја отсликуваат историјата на земјата, интересни за странските туристи.
“Можат да понудат значајни артефакти, голем број на предмети кои секој посетител кој поминува низ овој простор може да си купи еден ваков вреден предмет и да се сеќава на Македонија, на нашето богато културно наследство. Се надевам дека и оваа сувенирница како и претходните успешно ќе функционира. Тие се отворени од 10 до 18 часот, во зависност од интересот може да се продолжи работното време до 22 часот. Се надевам дека ќе имаат голема продажба, и ние сите продадени сувенири ги дополнуваме со нови сувенири“-изјави министерката.
Директорката на Музеј Куманово, Анита Цветановска вели дека во сувенирницата има копии од артефакти кои се најдени на сите археолошки локалитети.
“Ќе можат да се најдат привезоци, магнети, маици, шољи и многу сувенири кои што го претставуваат нашето богато непроценливо културно наследство. Имаме и културно промотивен материјал. Со ова се надевам дека ќе успееме да ги анимираме сите кои влегуваат и излегуваат од Македонија, нашите граѓани кои на заминување ќе понесат нешто автентично“-изјави Цветановска.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Ѓорѓиевски, смета дека одамна требало да има ваков трговски објект на граничниот премин.
“Да бидеме искрени за ова имаше потреба многу години наназад, со која ќе се промовира македонската историја и Македонија како земја на повеќе етникуми, култури со векови наназад“-рече Ѓорѓиевски.
Министерката најави дека се завршени истражувањата на Кокино и Градиште, а екипи од Музеј Куманово ќе работат на Костоперска карпа, Црквиште, се конзервираат 72 икони од црквата Свети Никола, ќе се работи на конзервација на манастирот Забел и догодина ќе се санира манастирот Карпино до каде треба да се изгради пат долг 6 км и други проекти.