Падна новиот систем за гласање во Советот, кој чини 50.000 евра
Поради технички проблеми денеска имаше застој во работата на новиот систем за гласање и конференциски уред, кој Советот на Општина Куманово го набави пред два месеци.

Прво имаше проблеми и со пренесување на преводот, а потоа откажа системот за електронско гласање. Поради тоа советниците по првата точка гласаа јавно, а преводот не беше симултан. Претседателката на Советот даде две паузи, па повеќе од два часа од седницата недостатокот беше отстранет.
Општина Куманово набави нова аудио опрема и систем за гласање за потребите на Совет на Општина Куманово, со вкупна вредност од 2,87 милиони денари, или 46.700 евра.
Набавена е конзола со 32 аудио- канали, микрофони, уреди за гласање, потребните уреди за преведувачите, снимач на звук, како и комплетен софтвер систем за целокупната опрема, како и други придружни апарти.
Во опремата има „главен конференциски уред со избор на канали, гласање и можност за стопирање на други говорници наменет за претседател на Совет“, што практично значи дека претседавачот може да ги исклучува советниците по потреба. Самиот уред чини 36.470 денари, околу 600 евра.
„Седниците на Советот се претворија во хаос, се надвикуваме со колегите. Затоа и се одлучивме за набавка на нов систем, од кој најголема корист ќе има претседателот на следниот состав на општинскиот совет, ние во овој мандат треба да одржиме уште 2 - 3 седници“, кажа тогаш претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска.
На една од предходните седници, претседателката ја искористи новата можност кога советниците не се држеа до дневниот ред, што денеска не беше случај, иако имаше бурна расправа со опозицијата која на моменти излегуваше од темата со меѓусебни обвинувања, додека се расправаше за развојната програма.