Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Партиите во Куманово тврдат дека се подготвени за претстојните претседателски избори закажани за 13 април и за предвремени парламентарни избори на 27 април.
Сите го мобилизираат членството, прават стратегија и подготвуваат програми со кои ќе ја побараат довербата на гласачите.
Како најголема партија во Македонија, ВМРО - ДПМНЕ секогаш е подготвена за избори било да се парламентарни, локални или претседателски. За претседателските избори направени се сите подготовки, а ова што дојдоа сега и вонредни парламентарни избори, мислам дека е подобро за државата. Секако дека сме подготвени - изјави Мирослав Стојановски, претседател на ОК на ВМРО - ДПМНЕ.
Од СДСМ велат дека желбата за промени и победа е огромна. Подршка добивале и членовите кои претходно заминале во други партии, а сега се враќаат назад во нивните редови, а им пристапуваат и многу млади и неопределни граѓани.
Ќе контактираме со секое семејство, ќе чукнеме на вратата на сите наши соседи, пријатели, граѓани при што ќе се обидеме да ја потенцираме важноста на овие избори како за претседател така и за пратеници. На мое огромно задоволство секојдневно доаѓаат луѓе кои не биле партиски активни, не биле членови на партија и бараат начин да се вклучат во борбата против ова “зло“ наречено ВМРО - ДПМНЕ, кое трае цели 8 години - вели Мартин Костовски, претседател на СДСМ Куманово.
Од ЛДП најавуваат дека од понеделник ќе отворат неколку општински штабови во градот. Партијата во петок ќе усвои програма за тоа каков треба да биде кандидатот за претседател кој ќе го поддржат и програма за парламентарни избори.
Ние сме во коалиција со најголемата опозициска партија СДСМ и со нив ќе настапиме на изборите. Ние секогаш сме имале добра и интересна програма. Освен оние заложби околу фискалната децентрализација, право на глас на 17 години ќе отвориме и теми како што се легализација на проституција и декриминализација за користење на марихуана за лични употреби, право на избор на животен стил или партнерска заедница - рече Зоран Павловски, претседател на ЛДП Куманово.
За НСДП вонредните парламентарни избори биле очекувани и само прашање на време било кога ќе се распишат. Во овој период тие го консолидираат членството, оддржуваат состаноци и ги следат насоките од централата од Скопје.
НСДП се подготвува и е подготвена за вонредни парламентарни избори, со посета на нашето членство и симпатизери на пошироко подрачје. Останува да работиме, да се вклучиме во кампањата и нормално да се избориме за резултати што се посакувани за нас како партија. Имаме нови зачленувања и правиме една “ревизија“ на членството. Имаме задоволителна бројка на членови која верува во нашата програма и чекори - кажа Сунчица Јосифова, претседател на НСДП Куманово.
И од ГРОМ велат дека кај нив се потполнуваат нови пристапници, отвориле штаб во центарот на градот, а планираат уште 2 нови штаба.
Го ревидираме членството и се трудиме да анимираме нови членови, да ја претставиме програмата и кандидатот за претседател. Ги запознаваме со карактерот, особеностите на кандидатот, кои би биле неговите приоритети при евентуален мандат. Месните организации имаат координатори, имаме Форум на жени, задоволни сме со бројот на членови - вели Лидија Јовчевска Ивановска, претседател на ГРОМ Куманово.
Горѓе Иванов од ВМРО - ДПМНЕ, Стево Пендаровски од СДСМ, Зоран Поповски од ГРОМ и Илјаз Халими од ДПА ќе се борат за претседателски мандат, а партиите влегуваат во трка за освојување на што поголем број мандати од вкупно 123 колку што има во Парламентот.