Пазарот за стари работи повторно претворен во депонија
Еден месец откако беше исчистен пазарот за стари работи во населбата Долно Којнаре повторно е претворен во депонија.
Жителите бараат од надлежните институции кои стопанисуваат со пазарот да преземат мерки за заштита на животната средина, во спротивно најавуваат протести, бидејќи не сакаат да живеат на депонија.
„Пред само еден месец група млади луѓе од Долно Којнаре ја исчистивме локацијата кај пазарот за стари работи. Денес – повторно истата слика. Смет, диви депонии и целосен неред, како ништо да не било направено. Општина Куманово, Општинската инспекција, ЈП „Пазариште“ – кој надлежен дозволува ова повторно да се случува? Ова веќе не е само проблем — ова е игнорирање на сите нас. Доколку не се преземат конкретни мерки и не се воспостави ред, ќе бидеме принудени да преземеме порадикални чекори, вклучително и блокирање на работењето на пазарот“, велат од месната заедница, кои испратија реакција и фотографии до нашата редакција.

Оттаму додаваат дека на оваа локација сè уште нема соодветно уреден и обезбеден паркинг, што дополнително го влошува хаосот во деновите кога се одржува пазарот.
ЈП „Пазаришта“ најави дека на истата локација ќе отвори и авто-пазар, но уште нема рализација на идејата.
