Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Улицата “Пелинска“, која поминува покрај зградата на ФЗЦ во строгиот центар на градот, ќе се асфалтира кога ќе заврши судската постапка, што дел од граѓаните ја водат заради нерасчистени имотно правни односи со сопственикот на земјиштето за изградба на стамбен комплекс.
Ова го кажа градоначалникот Зоран Дамјановски, одговарајќи на советничко прашање кога улицата ќе добие асфалт, на последната седница на Совет.
“Пелинска“ две години по ред е во програмата на Општина Куманово, но реконструкцијата ќе се одложи заради нерасчистени имотно-правни односи.Тоа е мала улица, но има проблем со градителот на станбениот комплекс. Поднесени се тужби, се водат судски спорови со соседи заради премини - објасни Дамјановски.
Жителите велат дека е срамно што улица во централното градско подрачје е во ваква состојба.
Две години како паметам е раскопана и кога врне газиме кал, а летоска се креваат облаци прашина. Има тука многу луѓе во куќите, во становите се движат постојано и возила тука паркираат - вели Љубинка Пешиќ, станар на улица “Пелинска“.
Советникот од ДПСМ, Бобан Јаќимовиќ ја обвини општината дека со неасфалтирање на улицата во заложништво држи 200 семејства.