Петровден на Голеш
На ден Петровден, вчера репортерот на Кумановоњуз си дозволи привилегија да биде сведок на славење на христијанскиот празник Петровден на Голеш - кривопаланечко, на 1.500 метри надморска височина, во селото Голема Црцорија. Поблиската одредница на месноста Голеш е Чупино брдо, односно тримеѓето на Македонија, Србија и Бугарија.

До одредиштето напорно и бавно се патува добри три часа по кривулест планински пат (колку да се рече асфалтен) со моторно возило, а богами и пеш на делови од патот по чии угорнини можат да врват само моќните џипови на граничната полиција. И на тој и таков пат за Голема Црцорија на Петровден се одважија да патуваат и стотината кумановски инвалидски пензионери кои редовно, речиси катамесец си прават вакви еднодневни прошетки на различни дестинации низ Македонија. Но, на враќањето од излетот во Голема црцорија голем дел од нив се зарекоа - никогаш повеќе на ваков излет! Имено, попаѓаа уште по првите стотина метри пешачење по угорница, откако претходно ,,попаѓаа‘‘ и моторите на двете комбиња што требаше да се пробијат до Голеш, на местото на кое се слави Петровден. На Голеш се искачија пеш само најупорните и кондициски подобро потковани. Другите си останаа под сенка во Крстов дол, а некои се вратија и празникот се го прославија во манастирот Свети Јаким во Крива Паланка.
А на Голеш, една голема тревната рамнина, на српска територија веќе на големо се славеше. Млади Македонци, Срби и Бугари веќе беа фатени на петровденското оро. И веднаш сакам да ви кажам: не беше тоа - тоа! Само повремено ме подземаше по некоја трошка задоволство што на ората не се распознаваше кој од играорците е Македонец, кој Србин, а кој Бугарин. Сите си беа еден народ, балкански, како што почесто извикуваше ,,конферансата‘‘ на музичарите со синтисајзери и електрични гитари. Над орото се виореа националните знамиња на трите држави. Прославуваше христијански народ на три различни држави кој говори еден единствен јазик на кој најдобро се разбира: кумановско-босилеградско-криволанечки што се разликува само во акцентирањето на зборовите. ,,Јок, ова не е она што нашите претци го славеа овде на Петровден‘‘ - разочарано објаснува еден Станислав од Куманово а по потекло од овдешните краишта. ,,Овде, кога јас бев дете, имаше и до 16 ора, вриеше од народ во народни носии и од музика со тапани, зурли, кавали, кеманиња. Ова, денешново не е тоа - вели Станислав. Но, орото на младите на денешниов Петровден на Голеш, на 12 јули 2011 година си тера свое, сонцето немилосрдно пржи, задоволно тријат раце скараџиите - 100 денари сендвич со ,,плескавица‘‘ плус 70 денари ,,скопско‘‘ или ,,лав‘‘ од Србија ,,оладени‘‘ во буриња со веќе стопен лед. Се‘ некако личи на панаѓур, а не е панаѓур. Никој не купува од нештата што не се јадат или пијат: теписи, мебел, лустери и друга стаклена и пластична менаџерија, дрвени буриња за вино и ракија од првокласно ореово или багремово дрво... Со што да ги носам, на грб ли од тука до Врање - вели една госпоѓа загледана во гарнитурата за седење на тераса изработена од бели врбови прачки.
Така некако помина денот Петровден на Голеш во Голема црцорија. За кого како,а за репортерот на кумановоњус - средно весело и средно жално. Си направи шанса да види нов предел и нови луѓе, но и уште еднаш да се нажали. Зошто нашава држава не се сврти малку и кон нашиве предели од т.н. Североисточен регион и да фрли троа пари за патната инфраструктура за сите да можат да се искачуваат на местата како Голеш на кои се допираат небото и земјата. На индолентниот однос на државата кон своите планински убавини се чуди и нашинката Линда од Америка како што повеќепати ја поздрави конферансата преку разглас на орото во Голема Црцорија.