×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Питачењето и децата на улица сериозен проблем за Куманово

    26.06.2024 14:08 | Сузана Николиќ

    Сами, во група или со родители, на жешко и на студ, испотени или премрзнати,  малолетни деца, најчесто од ромска националност, секојдневно питачат на улиците во Куманово. Наместо да се на училиште или во градинка, тие трчаат по автомобили или седат на тротоар и со пружени раце бараат  милост од возачите и од минувачите.

    Питачењето и децата на улица сериозен проблем за Куманово

    Оваа појава, на присилно питачење и деца на улица, која никако да се искорени, ја одразува комплексноста на социјалните проблеми, како и различните предизвици на оваа група деца, која бара соодветна реакција од институциите.

    Од Центарот за социјални работи велат дека во Куманово официјално се регистрирани 11 деца на улица, но на терен бројката е поголема и се менува, во зависност од периодот на годината и од временските услови. Во просек, се движи околу дваесетина деца на возраст од 7 до 12 година,  кои воопшто не се вклучени во образовниот процес или не се  редовни на настава. Доаѓаат од семејства со низок социо-економски статус, со невработени родители, кои живеат во супстандардни услови, без нормални услови за раст и развој на децата.

    Најмногу се видливи за време на верските  празници, пред црквите и џамиите, и на паркинзите пред поголемите маркети, додека во летниот период се селат меѓу туристите на патарината Романовце и на граничниот премин Табановце. Во другиот дел од годината се сконцентрирани  на раскрсниците и на градскиот плоштад, главно во попладневните часови, кога фреквенцијата  на луѓе и возила е поголема.

    Дваесетгодишната Афердита, со своите две деца питачи на една од раскрсниците, во близина на населбата каде што живее. Таа тврди дека излегува на улица само откако ќе ја потроши социјалната помош, бидејќи нема друг начин да дојде до пари, а сопругот ѝ е во затвор.

    – Не просам постојано, само кога ќе снемам пари. Кога ќе ги пуштат паритe, а тоа е за некој ден, нема повеќе да излегувам. Мора да просам, немам што да им дадам на децата да јадат. Подобро вака, отколку да крадам – вели младата жена додека едното дете го држи за рака, а другото трча меѓу автомобилите.

    Службите на Центарот за социјални работи и Министерството за внатрешни работи (МВР), кои се  задолжени да ја санкционираат оваа негативна појава, велат дека 5 пати во месецот организираат акции за откривање деца на улица, но редовно постапуваат и по пријави од граѓани.

        „Ги посетуваме сите клучни точки во градот, каде што се собираат децата. Наша надлежност е да го идентификуваме детето, а потоа преземаме мерки во семејството, со опомена и со советодавни разговори во следните 6 месеци. Вршиме надзор на родителското право и двапати месечно имаме средби. Им пружаме психо-социјална поддршка и ги следиме нивните постапки. Доколку во овој период детето повторно се врати на улица, покренуваме постапка за привремено одземање на родителското право, децата ги сместуваме во згрижувачки семејства и поднесуваме кривична пријава против родителите “, објаснува Даниела Младеновска-Спасовски, социјален работник во одделението „Правда за деца“, во Центарот за социјални работи, во Куманово.

    Таа вели дека најголем предизвик е што питачите нив веќе ги знаат и ги препознаваат, и кога тие ќе наидат, најчесто бегаат. Дополнително, родителите тврдат дека децата питачат додека тие не се дома, обично кога се  на работа или собираат секундарни суровини, а за нив се грижат постарите членови на семејството. Тогаш, заедно со други деца излегуваат на улица, без тие да знаат. Откако ќе бидат опоменати, се трудат да не го повторат делото.

        „Тоа се деца од повеќедетни семејства и таков им е начинот на живот. Кога ќе ги сретнеме, тие најчесто и не знаат што бараат. Важно е да се каже дека кај сите наши регистрирани случаи нема извршители на кражби. Тоа се само деца во социјален ризик, кои живеат во близина на местата каде што просат, гледаат од другите деца и мислат дека така треба. Се случува и кога ќе тргнат на училиште, да застанат на семафори, надевајќи се дека ќе дојдат до некоја паричка да купат сокче или кифла, како другите деца во училиштето“, додава Младеновска-Спасовски.

    Центарот за социјални работи, во последните две години нема одземено дете поради питачење, бидејќи родителите соработувале со службите, но, за жал, се појавуваат нови со кои мора да се работи и превентивно да се дејствува за да се тргнат од улица.

    И во СВР Куманово, во 2023 и во 2024 година не е регистрирана ниту една пријава од граѓани или социјални служби против родители за запуштање или злоупотреба на деца за питачење.

     

    Организираното питачење – најсуров начин на злоупотреба на деца

    Од невладината организација „Градиме иднина“ од Скопје посочуваат дека, покрај самоиницијативното питачење на децата и родителите, постои и организирано питачење преку кое на најсуров начин се злоупотребуваат децата и нивниот труд. Претседателот на здружението, Илија Јовановиќ вели дека тоа е синџир, во кој, покрај организаторите, се вклучени и членови од семејствата, кои најчесто се нивни придружници.

       

    „Децата питачи се од најмала возраст до 14 години, кои работат во три смени. Од едно дете имаат профит од 2.000 до 3.500 денари. Децата од целиот промет добиваат само дебел ќотек и од 10 до 30 денари од заработените пари. Другото завршува кај нивните шефови и родители, како и кај роднини. Дел од децата се нудат и за сексуални услуги“, тврди Јовановиќ.

    Според нивното истражување, во земјава има околу 2.000 деца на улица, а во Куманово од 20 до 45.

    „Градиме иднина“, пред две години, со Општина Куманово работеле на проектот „Да ги разбудиме институциите“, кој ги дал посакуваните резултати.

     „Со овој проект ги отстранивме сите питачи од првата и од втората патарина. Со големи притисоци кон МТСП, МВР, ОЈО Куманово и Полициската станица Куманово успеавме, колку можевме, да го исчистиме и центарот на градот. Овој проект нема да застане тука и сите заедно ќе продолжиме и во 2024 година, сѐ додека и последното дете не го отстраниме од улица“, вели Јовановиќ.

    Тој ги повикува граѓаните да им помогнат и да не им даваат пари на децата, а со тоа ќе ги демотивираат да питачат, бидејќи парите завршуваат во коцкарници и за удобно живеење на тие што ги искористуваат.

       

    „Граѓаните најмногу треба да го поддржат овој проект. Самите си ги создадовме питачите во сите 85 општини во државава. Ова е децениски проблем и не можеме преку ноќ да го решиме. На организаторите и на мафијата, местото им е в затвор и ќе бараме Кривичниот закон да се дополни и измени, да лежат по 20 години и доживотно за овие дела. Многу права на децата се уништени,  никој не може да ги спаси и да ги врати во нормален развој и живот“, вели Јовановиќ.

     

    Дневни центри и институционална поддршка клучни за решавање на проблемот

    Според Илија Јовановиќ, питачењето ќе се намали или целосно ќе се искорени само ако надлежните отворат повеќе дневни центри, организираат работилници и едукации со стручни тимови, кои ќе  работат со децата и со родителите, а приоритет да се даде на вработување на родителите и да се помогне на семејствата во социјален ризик.

    На иста линија е и социјалната работничка Даниела Младеновска-Спасовски, која предлага поголема институционална поддршка, вклучување на децата во образовниот процес и построги казни за родителите, како и изградба на дневни центри за деца од улица.

    „Тоа би било од голема помош, кога ќе го најдеме детето на улица, да имаме  веднаш каде да го сместиме. Вака, ние мора да ги вратиме во нивните домови и советодавно да влијаеме да го сменат однесувањето, што некогаш не е доволно“.

    Невладината организација ДРОМ, во партнерство со Општина Куманово, минатата година почна со реализација на проект за отворање дневен центар за згрижување деца на улица, како дел од Програмата за социјална заштита, но не може да продолжи со работа додека не добие лиценца од Министерството за труд и социјална политика.

    Дневниот центар беше замислен како место за  престој на децата по наставата во училиште, каде што ќе ги пишуваат домашните задачи, ќе го совладуваат наставниот материјал и ќе се стекнат со работни и хигиенски навики. Дополнително, преку разговори и работилници со психолог и социјален работник, малолетниците ќе се  информираат за сите ризици во животот, како последица на растење на улица.

    „Ги понудивме бесплатно просториите на ДРОМ, но немаме финансиски средства да ги опремиме по стандардите што ги бара Министерството за труд и социјална политика. Инвестицијата би чинела од 10 до 15 илјади евра. Без лиценца, донаторите не вложуваат, а без вложувања не можеме да се лиценцираме, и така се наоѓаме во еден маѓепсан круг“, објаснува Ахмет Јашаревски, извршен директор на Центарот за ромска заедница ДРОМ.

    Во текот на работата на ДРОМ биле анкетирани дваесетина деца од улица, а во еден момент, 16  од нив го посетувале дневниот центар. Проектот ги дал очекуваните резултати, но неизвесен е неговиот опстанок.

    (Текстот е изработен за порталот јасно.мк. Иницијативата ја спроведува Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во партнерство и со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Активноста е дел од проектот „Зајакнување на капацитетите на локалните заедници за справување со погрешни информации и родово базирани дезинформации“, кој се имплементира со финансиска поддршка на Данска, Луксембург, Република Кореја и Шведска, во рамки на програмата UNDP Funding Windows.)