Платина и две бронзи за кумановските вина „Томино“ на Саемот во Белград
Една платинаста и две бронзени медали освоија вината на кумановската винарија „Томино“ на престижниот Саем на вино „Отворен Балкан“, кој минатата недела се одржа во Белград, Република Србија.
Во конкуренција од 600 излагачи од регионот и Европа, вината „Томино“ со македонско географско потекло од кумановскиот вински регион ја освоија публиката и стручната комисија, и се закитија со медали за квалитет – платина за белото вино шардоне и бронзени медали за црвените вина каберне и мерло.
Сопственикот Томислав Трајковски вели дека наградите се уште една потврда за квалитетот и меѓународното признание на нивните вина.
„Ова беше многу пријатно изненадување и за мене. Најискрено, не очекував дека ќе освоиме толку високо признание за белото вино. Да се добие платина во конкуренција на големи винарии со децениска традиција е голем успех, на кој сум неизмерно горд. Тоа покажува дека и малите винарии постигнуваат врвни резултати. Ние ја освоивме највисоката награда во Македонија за бело вино,“ вели Трајковски.

Белото вино шардоне е прозводство на Томислав и енологот Елена Богева.
На саемот во Белград учествувале околу 80 излагачи од Македонија, а само две винарии биле од Куманово. Штандот на „Томино“ бил посетен од голем број љубители на вино.
Винаријата во моментот е насочена кон освојување на европските пазари, а веќе се воспоставени контакти со Австрија. Во однос на минатата година го зголемиле производството и откупот на грозје.

Семејната винарија „Томино“ има сопствено производство на винско грозје од француските сорти мерло, каберне и шардоне, а по потреба откупува и темјаника од други македонски производители. Насадите се наоѓаат во селото Табановце, кое заедно со селата Четирце, Никуљане, Старо и Младо Нагоричане, се смета за исклучително квалитетно подрачје во кумановското виногорје.
Трајковски ја продолжил традицијата на своите предци, кои имале големи лозја во Банево Трло и Младо Нагоричане и произведувале познато вино и ракија. На местото на старите лозја, внукот засадил нови насади и го осовременил и проширил процесот на производство.

Во иднина, планира да ги прошири капацитетите на винова лоза, да изгради вински подрум и угостителски објект за дегустација во Табановце, кој ќе стане дел од македонската винска карта.