Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По своите успеси на личен и професионален план, по немилите настани во општеството повеќето кумановци ќе ја паметат 2012 година.
Зора Ивановска, претседател на Здружение на жени “Нада Михајловска“
Минатата година ќе ја паметам по издавањето на десетата по ред “Обединица“, по сите наши активности кои ни донесоа успех и не радуваат. Исто така 2012 година ќе ја паметам по настаните во Собранието каде жените беа тепани. Тоа влезе во нашите домови, во нашите глави и светот го виде. Јас како жена од женска организација тоа го осудувам. На личен план, во 2012 година имавме свадба на внукот, а очекуваме правнук, принова. Мојата внука дипломираше, тоа ми се светли точки за минатата година.
Виктор Цветковски, кандидат за градоначалник
2012 година ќе ја паметам по негативните случувања поврзани со моето исклучување од СДСМ, како чин на директен атак на демократското изразување во партијата. Како позитивна, ќе ја издвојам подршката на граѓаните да се кандидирам за независен кандидат за градоначалник, која постојано расте. На личен план најмногу ми значат сопругата, децата и моето семејство, како и искрените пријатели кои ми помогнаа да издражам во сите овие предизвици пред кои се најдов.
Бисера Благојевиќ, портпарол на Општина Куманово
На професионален план 2012 година ќе ја помнам по моето доаѓање во општина Куманово, попрецизно во секторот за информирање и односи со јавност, каде заедно со моите колеги ја информираме јавноста за работата на градоначалникот и општиската администрација. На приватен план 2012 ми беше година полна со здравје, љубов и среќа, како за мене, така и за моите најблиски. Се надевам дека и 2013 ќе биде таква за сите граѓани на Општина Куманово.
Виктор Божиновски, директор на ЈП „Водовод„
2012 година ќе ја паметам по успехот и одличните резултати на кошаркарите на Куманово. По толку години, спортистите од нашиот град се најдоа во врвот на македонската и балканската кошарка. Исто така позитивен пример ми се и реализираните прокети на Општината и ЈП „Водовод„. Како негативни од 2012 година ќе ми останат случувањата во парламентот. Убиството на демократијата и исфрлањето од Собранието на пратениците од опозицијата, како и замолчувањето на новинарите на брутален начин.
Гордана Митровска, сопственик на етно шоп “Беба“
Имам многу убави работи по што ќе ја паметам 2012 година. Станав пензонерка со 39 години работен стаж. Моето професионално делување заврши. Добив награда за најдобра жена претприемач и многу патував во и надвор од Македонија. На приватен план добив машко внуче. И донесов одлука конечно да се преселам во Скопје, а Куманово ќе ми остане во убави спомени бидејќи тука поминав 62 години од мојот живот.
Слаѓан Станковиќ, претседател на извиднички одред “Скаут“
На професионален план годината ќе ја паметам по многу работа и доволно пари. На приватен план жена ми е бремена, чекаме принова. Со извидниците слабо ни одеше, не успеавме да зграбиме пехар, но запишавме повеќе членови. Можам да кажам дека имаме за 20 отсто повеќе членови за разлика од претходните години.