Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Започнаа градежните работи на граничниот премин Табановце - Прешево за проширување на пристапните сообраќајници од македонска страна, што има за цел да го забрза протокот на возила и олеснување на трговијата меѓу двете држави. Активностите се во целосна координација со институциите од српска страна каде наскоро ќе започне сличен инфраструктурен зафат.
„Планираните активности се во рамки на иницијативата Отворен Балкан и согласно потпишаниот Меморандум помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија, во кој се содржани мерките за забрзување на движењето на возила, луѓе и стоки преку заедничката државна граница“, информираат од Царинската управа на Македонија.
Градежните зафати се очекува да завршат во првата половина од следниот месец, пред почетокот на туристичката сезона.
Минатото лето, возачите и претставниците на синдикатот, се жалеа дека откако е воведен концептот на „едно застанување на граница” (One Stop Shop), иницијaтива во рамки на процесот Отворен Балкан, ништо не е сменето на подобро, бидејќи граничните премини немаат инфраструктура ни капцитет за да се примени она што е предвидено на хартија.
„Проблемот е што на секој граничен премин имаме само по една лента за пропуштање на камионите. Чекаат на ред камиони со расиплива стока, зеленчук, цистерни со нафтени деривати и празни камиони. Тие што се празни воопшто не треба да се тука, за нив треба да се обезбеди посебна лента за да не влегуваат во царинските терминали. Исто е и за камионите што превезуваат опасни материи. Со тоа ќе се забрза протокот. Отворен Балкан воопшто не функционира и тоа не се практикува на границите, нема никакво подобрување откако е потпишан договорот помеѓу нашите соседни земји. Има уште повеќе гужви, колони. Додека да поминат овие возила коишто се во колоната само загуба ќе трпат“, кажа тогаш претседателот на Независниот синдикат на професионални возачи за транспорт и врски Марјан Стефковски, кога беше блокиран товарниот сообраќај, поради низа технички проблеми.
Тогаш возачите на камиони коишто чекаа да го поминат терминалот и царинската контрола кажуваа дека цело претпладне стојат во место на пеколните температури, затоа што прво снемало струја, потоа паднал системот, а на крај се расипала вагата за мерење. Тоа придонело да се формира колоната од камиони околу 20 километри.
Од Царинската управа додаваат дека во наредниот период ќе започне да се применува и мерката за признавање на потврдите за вагање на товарните возила помеѓу Царинските управи на двете земји, со што ќе се намали времето за спроведување на царинските формалности.
„Дополнително, Царинската управа работи и на воведување на концептот на т.н. паметни граници, што подразбира поставување нова опрема, односно нов систем за видео надзор и препознавање на регистарските таблички на возилата интегриран со читачи на кодови на документи, како и поставување на нови автоматизирани рампи и ваги.Овие мерки ќе придонесат за забрзан проток на граничниот премин Табановце и намалување на трошоците на патниците и економските оператори, што ќе влијае позитивно на меѓународната трговска размена во регионот“, велат од Царинската управа.
2008 - 2023 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk