Почна проширувањето на патарината Романовце
Премиерот Никола Груевски денеска присуствуваше на почетокот на градежните работи на наплатна станица Романовце.

Проектот за изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарината чини 18.700.000 евра, од кои 2 милиона евра се од буџетот на Република Македонија, а остатокот се од Европската банка за обнова и развој. Најави дека проектот ќе придонесе за побрз проток на возила и наплата по европски стандарди.
Проектот сериозно ќе ги модернизира патарините, ќе ги елиминира можните злоупотреби. Човечкиот фактор ќе биде доведен на минимум. Се воведуваат два начини на плаќање на патарини, преку картичка која што само со намалување на брзината на 30 км на час, ќе испрати сигнал до патарината да се отвори рампата и да помине автомобилот без застанување и губење време. Втората е преку платежна картичка која може да се купи на лице место на патарината или преку кредитна картичка, која исто така со доближување до одреден уред ќе може да изврши наплата - изјави Груевски.
Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски вели дека наплатната станица Романовце е тесно грло и е неопходно да биде проширена.
Започнуваме од Романовце, бидејќи оваа наплатна станица е најтесно грло, особено во летните месеци кога имаме зголемен прилив на странски граѓани кои поминуваат транзит низ нашата земја. Предвидено е од 5 ленти, оваа наплатна да ја прошириме со 10 ленти за поминување. Очекуваме дека ќе биде завршена во месец јуни оваа година. За останатите патарини ќе почнеме со реконструкција оваа година, дел ќе бидат готови оваа година, а дел идната година - рече Мисајловски.
Александар Стојанов, директорот на Јавното претпријатије за државни патишта објасни дека ќе се модернизираат сите наплатни станици на коридорот 10, а нови станици ќе се градат кај Демир Капија и Гевгелија.
Ќе се овозможи подобра наплата на патарина, а најголема придобивка ќе биде забрзување на протокот на возилата кои поминуваат низ коридорот 10 - рече тој.
Министерот Мисајловски најави дека оваа година ќе започне и рехабилитација на патниот правец Скопје-Куманово, инвестиција која чини 16 милиони евра.