Отпочна обуката за женско фризерство во Регионалниот центар „Киро Бурназ“
Во Регионалниот центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ започна спроведувањето на стручната обука за едно од бараните занимања на пазарот на труд – женски фризер.
Програмата се реализира преку Агенцијата за вработување Куманово, и наменета за лица кои се водат како невработени и имаат интерес да се преквалификуваат или стекнат нови вештини со кои ќе ја зголемат можноста за нивно вработување.
Обуката трае три месеци и опфаќа теоретски и практичен дел. Првите два месеци на кандидатите ќе им бидат предадени основните и напредните техники во фризерството преку настава што ќе се реализира во современо опремените простории на Центарот.
Наставата ќе ја водат Татјана Митевска, раководител на Секторот за образование на возрасни и ВНИУ, и Снежана Глигоријевска, раководител на Секторот за иновации, наука и економија, кои посочуваат дека обуката е дизајнирана да ги следи најновите трендови и стандарди во професијата.
Третиот месец е резервиран за интензивна практична работа во реални услови. Кандидатите ќе добијат можност секојдневно да работат во фризерското студио „Младеновски“, каде што ќе ги применат стекнатите знаења под менторство на професионалци.
„Со ваквиот концепт, продолжуваме да даваме конкретен придонес во поддршката на невработените лица, нудејќи им практично применливи квалификации и подобри шанси за вработување“, велат од Регионалниот центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ .

