Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Здравствениот дом во Куманово утринава почна имунизацијата против ковид-19 за лица постари од 77 години со вакцината „АстраЗенека“.
Вакциналниот пункт се наоѓа во амбулантата на т.н. „Уред“, а вакцинирањето се спроведува според закажан термин од матичен лекар. Во првата фаза се опфатени граѓани постари од 77 години.
„Вакцинацијата почна навреме и се одвива според предвидениот план и динамика. Се врши исклучиво на закажан термин на секои 10 минути. Граѓаните се известени и си доаѓаа да ја примат вакцината. Одзивот е добар, засега нема гужви ниту проблеми“, изјави д-р Снежана Јовановска, раководител на Одделот за вакцинација, при Здравствен дом Куманово.
Утринава имало и граѓани коишто дошле да се вакцинираат без термин, но тие се вратени.
Од пунктот известуваат дека граѓаните со себе треба да понесат лична карта и да го пополнат формуларот.
Здравствениот дом во Куманово доби 800 дози за првата фаза од вакцинација.
Од петок ќе започне вакцинацијата во Крива Паланка, Свети Николе, Кратово, Пробиштип.
Вакциналните пунктови низ државата ќе работат во две смени, ќе бидат отворени од 8 до 20 часот, од понеделник до петок.
(Фото: принскрин Здравствен дом Куманово)