Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Предавања за последиците, воведување дежурства на одморите и следење кој доаѓа и што бара во училиштата, се дел од мерките кои ги препорача полицијата на директорите на училиштата за да се заштитат децата од манипулации.
Претставници од полицијата и директорите на основните и средни училишта денеска разговараа за актуелната безбедносна состојба во училишта по серијата инциденти на малолетниците во неколку градови во државата. При тоа беше договорено да се превземат превентивни мерки од полицијата, училиштата и родителите, и да се укаже на последиците за да не дојде до прелевање на инцидентите меѓу учениците.
Целта ни е со превентивни мерки во рамките на надлежностите на сите институции, да спречиме евентуални несакани настани на нашето подрачје. Тука се пред се активностите на полицијата, стручните служби, наставниците, како и поголемо ангажирање на родителите во советување на децата. Од училиштата се бара поголема будност и воведување на дежурства, да се следи кој доаѓа и што бара во училиштата, да не се дозволува учениците непотребно да излегуваат од часови, се со цел да се заштитат од манипулација- вели Виолета Богдановска, началник во Сектотот за превенција.
Полицијата и училиштата веќе подолго време работат на проектот „Безбедни училишта„ за кој сметаат дека ги дал очекуваните резултати. Преку едукација на ученици, родители и наставници, дадени се насоки и допринос за намалување на тензиите. Во општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане, што ги покрива СВР Куманово нема регистрирано меѓуетнички инциденти кај учениците.
Директорите рекоа дека тие веќе преземале дел од активностите што се нивна законска обврска и редовно ги следат сите случувања во училиштата.
Состанокот беше инициран од Секторот за образование, како дел од мерките што ги презема локалната самоуправа за спречување на насилствата.