Полицијата проверуваше колку возачите знаат да укажат прва помош
Симулациска вежба - укажување прва помош при скршеници, денеска организираа Отсекот за превенција од СВР Куманово и волонтери од општинската организација на Црвениот Крст Куманово.

Полициските службеници по случаен избор запираа автомобили и бараа од возачите да укажат прва помош на повредено лице.
„Поентата на оваа акција е да се потсетат возачите на моторните возила што е нивната обврска и која е улогата во случај на сторена сообраќајна несреќа,- изјави Марјан Павличек, самостоен инспектор за сообраќај од отсек за превенција од СВР Куманово.
Истовремено волонтерите од Црвениот крст ги потсетија учесниците во сообраќај како да санираат повреди.
Припадниците на СВР Куманово, денеска во населбата „Перо Чичо“ поделија едукативни флаери за заштита од пожари и заштита на шумите од пожари, а воедно на непрописно паркираните автомобили на тротоарите оставија флаери кои се дел од проектот „Да ги вратиме тротоарите на пешаците“.
(фото-архива)