Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Поставувањето на полуподземните контејнери на повеќе локации на булеварот „Октомвриска револуција“ ги исполни очекувањата на граѓаните во однос на собирањето на сметот од домаќинствата.
Наместо расфрлано ѓубре од преполнетите контејнери, кое дополнително го разнесуваа собирачите на пластика, животните, но и работниците кои ги празнеа контејнерите, сега сликата е сосема поинаква.
„Просто не ми се верува дека може да биде вака чисто. По поставувањето на контејнерите дојде екипа на јавното претприијатие и го исчисти поширокиот простор. Секоја пофалба за ваквото решение. Да се надеваме дека вака ќе остане и нема да се уништи “, велат граѓаните од околните згради.
Тие сметаат дека ЈП „Чистота и зеленило“ мора да најде решение за собирање на кабаст отпад барем еднаш во неделата, а цената на услугата да ja вкалкулира со минимален износ во сметките, за да не се остава мебел покрај контејнерите и да се создаваат диви депонии.
Од пред еден месец 15 подземни контејнери се поставени кај Економскoто училиште, поранешен ЗИК, Противпожарната станица, локалитетот Табакана, поранешен Вартекс, на Октомвриска револуција зад Мај маркет и ординација Ѓоше, а предходно и во централното градско подрачје.
Бенифитите од користењето на контејнерите се повеќекратни за граѓаните и јавното претпријатие, затоа што се собира поголема количина, изнесувањето на сметот се врши само еднаш дневно, со тоа се намалуваат трошоците, а не се создава метеж во сообраќајот.