Мени

Поранешните вработени во Ирак и Авганистан бараат јавна средба со директорката на УЈП

23.01.2026 20:14 | Сузана Николиќ

Поранешните вработени во американските бази во Ирак и Авганистан, кои протестираат против ретроактивното оданочување, доставиле барање до директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова, за одржување на состанок, на кој лично ќе ја запознаат со нивните проблеми.

Поранешните вработени во Ирак и Авганистан бараат јавна средба со директорката на УЈП

Планирано е средбата да се одржи во големата сала на зградата „Комитет“, каде што сите засегнати ќе имаат можност да се информираат за начините за решавање на проблемот.

„Писмено ѝ се обративме на директорката и во моментов очекуваме одговор за одржување на таа средба, која ќе биде јавна и на која директорката јасно и транспарентно ќе ги изнесе своите ставови“, изјави Зоран Наковски на денешниот протест пред УЈП.

Тој се заблагодари за поддршката од градоначалникот Максим Димитриевски, кој ветил дека ќе им помогне, и на советниците кои го иницирале нивниот проблем,  но истакна дека е разочаран од членовите на Советот кои не дале поддршка  точката да се најде на дневен ред на седницата.

Граѓаните кои протестираа уште еднаш повторија дека нивниот протест нема политичка, ниту партиска боја, туку дека нивната борба е исклучиво за остварување на нивните права. Затоа побараа поддршка од сите граѓани, независно од нивната политичка или етничка определба.

„Ние не сме против законот, туку против присилната наплата, селективното толкување на законите, како и одбивање на доказите кои уредно ги доставуваме“, кажа Наковски.

Фариз Бајрами од Тетово, кој денеска со свои колеги беше присутен во Куманово, најави дека од наредната недела протестите ќе продолжат и во неговиот град, но и во Скопје.

„Има поддршка и од Тетово и од тетовчани, бидејќи сите сме заинтересирани овој проблем да се реши и законот да важи еднакво за сите. Ние ќе продолжиме со протестите. Данок сме платиле и не може повторно да плаќаме. Не сме против законот, но тој мора да биде ист за сите граѓани“, изјави Бајрами.

Протестот ќе продолжи од понеделник пред Општина Куманово.