×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • “Бесплатниот“ автобуски превоз поскапе од 40 на 50 денари по километар, за шест месеци ќе чини уште 660.000 евра

    18.12.2024 09:19 | Оливера Пешевска

    Субвенционирањето на јавниот линиски превоз во Куманово ќе продолжи и во првите шест месеци во 2025 година, и за таа намена од општинскиот буџет ќе се издвојат уште 41 милиони денари или над 660.000 евра.

    “Бесплатниот“ автобуски превоз поскапе од 40 на 50 денари по километар, за шест месеци ќе чини уште 660.000 евра

      За превозот во Куманово се предвидени 37,5 милиони денари или над 600.000 евра, и дополнителни 3,5 милиони денари или 60.000 евра за субвенционирање на линиски превоз на патници за линии утврдени со Спогодба за утврдување на заедничко организирање на извршување на линиски превоз на патници помеѓу Општина Куманово и Општина Старо Нагоричане.

    На последната седница на Советот на Општина Куманово беше одлучено да поскапи превозот и од наредната година цената за изминат километар ќе се зголеми за 10 денари, и ќе чини 50 денари. Превозниците барале цената да биде 60 денари.

    „Секторот за финансии направи анализа, нивните барања се реални за да може да се одвива една таква мерка. Од буџетот не се определени 60 денари по километар колку што беше нивното барање, но Општината во моментот превозот може да го субвенционира најмногу со предложената цена“, истакна во образложението Лидија Ланг Спасовска, раководителка на Сектор за комунални работи.

    Советниците од опозицијата предложија да се субвенционира само половина од предложената сума, а останатите 50 отсто да се наплатат преку билети. Со тоа во општинскиот буџет би можело да се заштедат 41 милион денари, кои би се вложиле во проекти за капитални инвестиции. Но нивниот предлог не беше прифатен.

    „Целокупната сума која е сега предложена би се намалила за 50 проценти, и би изнесувала 18,7 милиони денари, со што во буџетот ќе останат финансиски средства за капитални инвестиции, кои се од есенцијална важност за сите граѓани на општината. Од друга страна, превозниците, според искуствено потврдени податоци, од досегашниот начин на субвенционирањето на линиски средства ќе добијат повеќе средства, а со тоа ќе има можност за подобрување на квалитетот на истата“, образложи Миле Андоновски од Партијата на пензионерите.

    Во тој случај само семејства во социјален ризик и приматели на социјална помош и понатаму ќе го користат превозот бесплатно.

    Бесплатниот јавен превоз започна да се применува од 1 јануари 2023 година и за две години се исплатени околу 2,2 милиони евра општински пари. 

    Граѓаните се поделени за бесплатниот превоз, додека едни ја поддржуваат мерката и сметаат дека дава резултати, други сметаат дека е популистичка, која беше во функција на предходните парламентарни, а ќе биде и за престојните локални избори.

    Граѓаните кои го користат превозот се жалат дека нема доволно линии ни автобуси во клучните термини кога одат и се враќаат од работа, а превозот е дополнително оптоварен од непродуктивни возења на пензионери и граѓани кои се без работа. Поради тоа многу често вработените не можат да влезат во автобусот, па користат такси. Исто така имаат забелешки и на староста на возилата и квалитетот на услугата. Општината вети и дека ќе постави унифицирани автобуски постојки со ред на возење, но досега тоа не го реализира. Реакции има и поради тоа што јавен превоз има од понеделник до сабота, но не и во недела и деновите на празник, кога граѓаните се слободни и можат повеќе да го користат.

    Од друга страна од Општина Куманово тврдат дека потребата за продолжување на линискиот превоз е поради тоа што граѓаните се задоволни од услугата. Тие масовно го користа превозот, и сѐ почесто бараат да се воведат нови линии и нови поаѓања. Според нив дневно се превезуваат од 12 до 16 илјади патници.