Постигнат договор меѓу Владата и УПОС - 11.000 административци до 2028 година ќе имаат за 40 отсто повисока плата
Владата и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) постигнаа договор за зголемување на платата на околу 11.000 административци.
Како што беше кажано на прес-конференцијата, до 2028 година платите на овие вработени ќе се зголемат за 40 отсто.
„После година и половина преговори и барања на синдикатот на УПОЗ, постигнавме договор со Владата. За 11.000 вработени ќе се потпишуваат годишни колективни договори, по што ќе имаат методологија за покачувања на платата“, рече претседателот на УПОЗ, Трпе Деановски.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека со овој договор ќе бидат опфатени вработените во администрацијата, судовите и во обвинителствата.
„Ова е еден поширок пакет, каде ќе бидат опфатени заедно со вработените во судовите и обвинителствата некаде околу 11.000 вработени и со ова целосно, Владата како најголем работодавач, практично со своите колеги воспоставува договор и тој договор е со рок на траење до 2028 година“, кажа Мицкоски.