Мени

Потпишан договор за реконструкција на визитинг-центарот во Пелинце вреден над 300.000 евра

26.06.2026 16:52 | Сузана Николиќ

Секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис-Јаневска, и претставникот на Техничкиот секретаријат, Емрах Чоти, денеска во Лесковац го потпишаа договорот за грант за имплементација на проектот за ревитализација на зградата за посетители во комплексот „Пелинце“.

Потпишан договор за реконструкција на визитинг-центарот во Пелинце вреден над 300.000 евра

„Со проектот е предвидена реконструкција и адаптација на визитинг центарот во комплексот „Пелинце“, поточно на собите за сместување, библиотеката, амфитеатарот, оштетениот покрив, стаклената купола, заедничките простории и санитарните јазли. Предвидени се и мерки за подобрување на греењето, како и партерно уредување на просторот. Со тоа ќе се подобрат условите за престој и организирање на културни и туристички настани“, се наведува во описот на проектот.

Проектот „Pathways to Prosperity – Просперитетни патишта на соработка помеѓу Куманово и Лесковац“, се финансира преку Програмата за прекугранична соработка Србија – Македонија 2021–2027, а се реализира во партнерство меѓу Општина Куманово и Туристичката организација на Општина Лесковац.

Вкупната вредност на проектот изнесува 663.268 евра за двата партнера, од кои 497.053 евра се грант од Европската Унија, а 166.215 евра се обезбедени од двете општини.

Од грантот, 280.000 евра се наменети за Општина Куманово, а 220.000 евра за Општина Лесковац, додека преостанатиот дел од задолжителното кофинансирање.

Кога се гласаше за проектот во Советот на Општина Куманово, советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Димитриевски, побара пред започнување на реконструкцијата  да се уреди коритото на реката Пчиња, за да се заштити од поплави,  проблем со кој се соочува комплексот, и кој влијаеше на пропаѓањето на објектот.

„Со превентивно решавање на овој проблем ќе се избегнат дополнителни трошоци за повторна санација по евентуални поплави, а воедно долгорочно ќе се обезбеди сигурност и економичност на инвестицијата.  За да се оправда проектот, прво треба да создадеме услови“, изјави Димитриевски.

Раководителот на Секторот за евроинтеграции, Горан Митевски, кажа дека препораката на советникот е добра за да се алармираат државните институции кои треба да спречат поплавување на комплексот.

Во Меморијалниот центар АСНОМ, дел од објектите се под надлежност  на Министерството за култура, додека рекреативниот дел со визитинг центарот на Општина Куманово, со кој стопснисува ЈП „Чистота и зеленило“.  Неколку години ресторанот не работи, а сместувачките капацитети не се во функција.

Визитинг центарот во Пелинце во минатото се користеше за одржување на колонии, летни школи и различни културни манифестации. Со реконструкцијата и создавањето на подобри услови се очекува комплексот да заживее за културни настани, но за привлекување на туристи.

Вработените во „Чистота“ недодамна ја косеа тревата и ги кастреа дрвјата како дел од редовното одржување на комплексот.