Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Никогаш нема да одам против волјата на своите граѓани во рамките на своите надлежности и секогаш и ќе ги почитувам нивните барања, рече градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, на почетокот на денешната 11-та седница на Советот на Општина Куманово и ја повлече Предлог одлуката за воведување на зонско паркирање на булеварот „Октомвриска револуција“.
Ваквата одлука следи откако жителите на станбените објекти на оваа локација одржаа протести на кои јасно беа против воведување на зонско паркирање, сметајќи дека тоа нема да го реши нивниот проблем со паркирањето.
„Доколку сметате дека треба да остане постоечката остојба, нека остане, но повторно ќе се соочиме со истиот хаос околу паркирањето. Единствен начин за решавање на проблемот, сепак е зонско паркирање. Ние понудивме за станарите на овој реон повластена цена за континуирано паркирање од 10 денари, а потоа ја намаливме цената на 5 денари на дневно ниво, но жителите, за жал, не ја прифатија оваа понуда, нагласи Димитриевски.
Според него, од 2020 година па досега биле поднесени три барања до општината за воведување на Б зона, односно зонско паркирање на „Октомвриска револуција“ од страна на група граѓани од станбените објекти, по што општината преземала иницијатива за решавање на нивниот проблем.
„Јавното претпријатие „Куманово паркинг“ направи сондажа при што најголем дел од жителите се согласија за воведување на Б зона. Дополнително, ќе го задолжам претпријатието да направи поединечна анкета со секој граѓанин каде има вакви паркинг простори, да се види колку возила поседуваат, по што ќе излеземе со детална информација. Во соработка со граѓаните, доколку и по 2 месеци добијам ново барање од граѓани кои се за зонско паркирање, ќе направиме анализа за секој станбен објект и ќе до доставиме барањето до Советот на општината од кој ќе зависи конечното решение“, рече Димитриевски.
Тој посочи дека има узурпација на паркинг места од луѓе кои ги корстат како јавни пазари за автомобили и складирање на стари возила, а голем проблем се и жителите од околните населби кои работат во други градови, а возилата ги паркираат на „Октомвриска“.
„Знам дека граѓаните имаат генерален проблем со паркирањето, затоа што во согласност со урбанистичката докуентација, тоа е креирано за 8.000 возила, а во општината имаме над 27.000 регистрирани возила“, подвлече градоначалникот.
Поддршката на овие протести од страна на политички активни личности и носители на јавни функции и на барањето на жителите да не се воведува зонско паркирање, пак, Димитриевски ги оцени како популистички и политички бенефит за лични интереси.