×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Повторно проблеми со водоснабдувањето во градот

    16.06.2014 12:53 | KumanovoNews

    Граѓаните кои живеат во високите зони на градот и приградските населби, повторно се соочуваат со недостиг од вода, затоа што од Водостопанство “Кумановско - Липковско поле“ сеуште не го ставиле во функција цевководот т.н. „бај пас„, преку кој “Водовод“ добива дополнителни количини вода.

    Повторно проблеми со водоснабдувањето во градот

     Во моментот кон Филтер станицата се испорачуваат 180 литри во секунда вода од главниот цевковод и 100 литри од алтернативните извори во Бедиње и Проевце, но тие не се доволни за потребите на граѓаните. За нормално снабдување на градот во летниот период недостасуваат уште околу 150 литри во секунда вода.

     Жителите на населбата Карпош веќе десетина дена имаат проблем со водоснабдувањето, поради што  денеска организираа протест.

      - Ноќеска ќе ја пуштат водата со мал притисок, и не можат луѓето да се истушираат, да измијат садови. Има мали деца, има стари луѓе. Сметки плаќам редовно, а ако не платам веднаш ми пресметуваат камата - вели Милорад Јовановски од населба Карпош.

    На протестот се појави градоначалникот Зоран Дамјановски кој потврди дека проблемот трае  со години во летните месеци, бидејќи Водостопанство одбива да го пушти бај пас цевководот. Тој вели дека 3 години како потпретседател на ЗЕЛС се залага за формирање на Регулаторна комисија која ќе се грижи за единствена цена на водата, бидејќи Куманово плаќа најскапа вода.

      - Сега е или ќе им ја даваме водата по оваа цена или нема да го пуштаат алтернативниот вод. Мислам дека ова е крај на трпението на граѓаните. Ќе застанам заедно со нив за да ги браниме интересите на овој град. Мислам дека политиката не смее да биде во сплет со водоснабдувањето и се она што го чини обичниот живот на граѓаните - рече Дамјановски.

    Проблемите со водонабдувањето ги чувствуваат и граѓаните од населба Јане Сандански, село Черкези, Пчински пат и делот над Соколана.

    Директорот на “Водовод“, Горан Стојковски вели дека со побрзо темпо ги сервисираат долговите кон Водостопанство и бара разбирање од нивна страна за да не трпат граѓаните.

      - Кога ќе дојде месец јуни обично бараме од Водостопанство да го вклучи и бај пасот кој е изграден од страна на општина Куманово за дополнителни количини на вода за да може непречено да се одвива водоснабдувањето. Не е вклучен затоа што фактурата што ни ја испорачуваат од Водостопанство по цена од 6,4 денари во моментов ЈП “Водовод“ не е во можност да ја плати. Немаме средства да платиме. Од септември 2013 година заклучно со април годинава сме исплатиле близу 500 илјади евра. Толку има исплатено заедно во 2012 и 2013 година - изјави Стојковски.

    Од Водостопанство “Кумановско - Липковско поле“ велат дека воопшто не е побарано вклучување на бај пасот.

       - Раководството на “Водовод“ не побара дополнителни количини на вода, за жал иако има вода во акумулациите, насочувањето на водата во дополнителните водови чини пари. Има обиди од сегашното раководство да се стабилизира состојбата, но за жал она што го договорија со нас не го испочитуваа. За 6 месеци “Водовод“ не реализира она што вети кон Водостопанство, а ние реализиравме - рече Филип Филиповски, директор на Водостопанство “Кумановско - Липковско поле“.

    Филиповски одговорноста ја префрла на “Водовод“, градоначалникот и долгогодишното недомаќинско работење.  Тој порача градоначалникот да ја согледа реалната состојба во “Водовод“ и да направи долгорочна стратегија за излез од оваа ситуација.

    Граѓаните кои денеска протестираа се заканија дека ако проблемот не се реши ќе протестираат пред Водостопанство.