Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во деновите околу Нова година и Божиќ и пласираната идеја за празнична еуфорија, ми се чини дека сме најблиску до големиот американски сон.
Во овој период од годината се сеќавам на божиќните реклами со дедо Мраз и Кока Кола (Coca Cola) и оживува чувството на тој восхит во стомакот, ме скокотка и радува, но веднаш после се буди друго познато чувство, во срцето. Ме радуваше помислата дека толку малку ни треба за најсреќен дом и најтопла атмосфера (само Кока Кола).
Но, после тие 60 секунди, едно освестување: не секогаш ( always) е доволна Кока Кола. И, тага во срцето.
И, за време на празниците, не можам, а да не помислам како им е на сите оние чиј дом во ова доба од годината не е најсреќен?
Како се справуваат сите оние кои изгубиле некого во минатата(ите) година(и)? Што прават со празнинаната, недостигот и притисокот од пораките „биди среќен“ или „ова е најубавото време од годината“.
Празниците ја засилуваат тагата.
Или подобро кажано, ја замрзнуваат тагата и отвараат прашање: „Како може светот и понатаму да тече во својата рутина?“
Луѓето одат на работа, се тагираат на Фејсбук, постираат слики на Инстаграм, се договараат за забави и заеднички прослави и навидум се е исто за светот, а всушност ништо веќе не е исто и не може да биде, затоа што некој кој бил важен веќе не е тука и со самото тоа, како може светот да остане ист?
Со самото отсуство, како да нема простор за славење.
А, како може да се слави заедништво кога веќе го (ја) нема? – се прашуваат Елизабет К.Рос и Дејвид Кеслер во книгата „За тагата и оджалувањето“.
Кога ќе изгубиме некој посебен и важен, нашиот свет ја губи свеченоста на моментот. Празниците ја засилуваат тагата, тагата е потажна, а осаменоста е поосамена.
Во преддговорот за горе споменатата книга, Марија Шрајбнер ја дефинира тагата како: „Отварање кон исклучителна болка на отсутност. Тоа е момент кога прекинувате да се обидувате да продолжите напред или да ја ублажите болката. Едноставно пуштате, нека боли...“
„Не постои типичен одговор на загубата, како што не постои типична загуба. Нашата тага е единствена како и нашите животи“ велат К.Рос и Кеслер.
А, сепак не е лесно да се тагува. Не постои временска рамка и нема патоказ.
И, секако може да биде ектремно тешко да се слават свечените денови: роденден на починатиот(та), годишнина од смрт, слава, Нова Година, Божиќ, Велигден.
Но, иако се празници, дозволете си да бидете тажни. Сигурно е тешко да се тагува во време на празници кои слават нов почеток и нов живот, но дајте си дозвола да оттагувате.
Во овој период од годината присутни се многубројни ритуали поврзани со крајот на една и почеток на друга година. Семејната и системска психотерапија укажува на значењето на ритуалите во процесот на оджалување.
Ритуалот на симболичен начин може да не поврзе со саканата личност и барем малку да ја пополни празнината на отсуството.
И, како што кажал др.Камил Вортман, експерт за тага и оджалување во својот блог пост „Не бев подготвен да кажам збогум“, така и сите ние кои се уште не сме подготвени да кажеме збогум, можеме да останеме во својот процес на оджалување и додека надвор светка и небото е преплавено со огномет, а низ улиците се слуша песна, да останеме со тешкото во срцето, а со мисла и надеж во умот дека со времето ќе станува помалку тешко.
Драгица Стаменковиќ,
Лиценциран психолог
Семеен и системски психотерапевт под супервизија
ICI Coach