×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Празнувањето на Богојавление во кумановско

    18.01.2020 18:32 | KumanovoNews

    Празникот Богојавление или Водици се празнува на 19 јануари, а се прославува во спомен на крштевањето на Исус Христос, во реката Јордан, од страна на Свети Јован Претеча.

    Празнувањето на Богојавление во кумановско

    Како што бележи Светото Писмо, по крштевањето на Исус Христос во водите на Јордан, се отвориле небесата, Светиот Дух слетал на него во вид на гулаб, а Отецот посведочил пред луѓето и рекол: „Ти си мојот возљубен син, кој е по мојата Волја“.

    Овој ден се смета за еден од најголемите христијански празници, затоа што на овој ден Бог Света Троица се јавува во три лица, а воедно и со овој празник завршува циклусот на Божиќните празници.  Домаќинките како пред многу години така и денеска, на овој празник не работат, затоа што да го честуваат Исусовото крштевање.

    Во кумановско, овој празник бил поврзан со повеќе обичаи, воглавно со осветената вода. Па така, за истата вода верувале дека има натприродни својства поради благословот од Бога, по што водата била користена при приготвување храна, миење на болниот, сипувана во бунар, од неа се пиело за здравје или пак била користена за прскање на лозите и нивите.

    Свештеникот Игор Здравковски, од црквата „Свети Никола“, вели дека осветената вода не се дава како готов производ, туку дека има сила само за оној што верува во Бога.

    - Оној кој верува вистински, нема да ја смеша осветената вода со суеверијата. Неа Бог ни ја дава за осветување на сè околу нас. Имено за тоа е и создаден човекот, да благословува и осветува. Таа не се дава како готов производ, па без разлика дали веруваме или не да дејствува. Сила и' се дава ако оној што побарал од Бога да ја освети, верува во Бога. И понатаму, ако со љубов ја користи, нема да згреши во постапките со неа,- додава отецот Здравковски.

     Првиот ден од Богојавление или Водици, познат е како „Војордан“ или пак „Машки водици“, во реката се капеле првите зетовци, првите машки деца, додека пак на вториот ден кој се нарекува „Женски водици“ во водата се капеле само невести и женски деца првенци, а свештеникот ја осветувал водата и ги прскал со нив.

    - На Богојавление или Водици, момчињата и девојчињата, оделе рано наутро на извор и кој прв ќе стигнел на вода ќе имал среќа преку целата година. Во водата фрлале паричка и босилек верувајќи дека таа ќе ја зголеми заштитната моќ и таа вода ја носеле дома и се миеле. А пак од црквата носеле осветена вода, домаќинката ставала на прагот секира и на неа жар, секое дете земало по една лажичка од крстената вода и, ја фрлало лажичката зад себе и прескокнувало преку секирата за заштита од болести и уроци. На овој ден во сите куќи за ручек се служело традиционално однапред подготвено јадење-пивтии си месно пресно кравајче,- вели м-р Анита Ѓорѓиоска, кустос-советник во НУ Музеј Куманово.

    Таа исто така додава и дека на вториот ден од празникот карактеристични биле изведувањата на обичаите во кои главна улога имале жените кои се групирале во т.н. „Воденичарки“. Девојките биле облечени во народна носија, се собирале на сретсело и оттука тргнувале и ја посетувале секоја куќа пеејќи разни водичарски песни на секој член од семејството според неговото место во семејството и поширокиот општествен статус. Благославувајќи за среќа и бериќет домаќинката ги дарувала со пари, јаболка, круша, ореви, кои ги собирале помала група женски деца.

    Кога станува збор за обичаите, отецот Здравковски, вели дека доколку тие не се во спротивност со христосовото учење, дека се налик на убавите разновидни цвеќиња на една ливада.

    - Секој обичај е белег на некој рeгион. Допирањето на крстот во вода, подоцна и влегувањето во осветените води, секоја година се прави  за да се потсетиме на историски вистинскиот настан на крштението христово и слегувањето на Светиот Дух врз него и сведоштвото на Отецот дека Овој е Неговиот возљубен Син, врз Кого е вољата Негова. Всушност целиот наш живот треба да биде имитација на Христа. И формално, преку вакви настани а уште повеќе и духовно, преку љубовта, правдата, милосрдието, братољубието,- додава отецот.

    Во денешни услови, осветувањето на водата се изведува како голем црковен ритуал каде најпрво се оддржува Литургија, а потоа, се оди на река, езеро, базен или фонтана во која се фрла крст и многу од верниците скокаат по него, а се смета дека оној кој ќе го дофати ќе биде среќен цела година, тој добива подароци и е кум во црквата.

    (Фросина Марковска)