Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во театар Куманово утревечер во 20 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Жена од минатото“ работена по текст на Роланд Шимелфениг, а во режија на Нела Витошевиќ.
„Жена од минатото“ е камерна претстава која трае час и 10 минути. Се работи за трилер, кој зборува за распаѓањето на едно семејство, и за тоа како случувањата од минатото влијаат на иднината. Темите за осаменоста, отуѓеноста, рушењето на интегритетот на поединецот се доминантни во „Жена од минатото“. Во претставата играат: Александра Пешевска, Игор Ангелов, Јасмина Василева, Марко Трајковиќ и Нина Максимова.
Претставите ги правиме со многу мал буџет. Практично од ништо правиш нешто. Јас од целата оваа соработка ќе си отидам доста радосна, бидејќи театарот кај нас држи ентузијазам, што е најважен дел за еден театар. Мислам дека направивме одлична претстава. Претставата е многу силна емоционално. Напишана е како психолошка драма, а ние јас форматиравме во еден вид на трилер и направивме сериозни психолошки карактери кои се втемелени во една современа стилска структура - вели Витошевиќ.
Актерката Александра Пешевска вели дека прв пат соработува со Витошевиќ и е задоволна од сработеното.
Мислам дека извадивме одличен продукт и дека вредеше сета мака - кажа Пешевска.
Актерот Игор Ангелов објаснува дека прв пат работи во кумановскиот театар, и смета дека нашиот театар има квалитетна млада актерска екипа.
Претставата е тоа што сме ние, тоа што е Нела, тоа што сум јас. Уживав во процесот и мислам дека создадовме прекрасна претстава која што долго ќе се игра на репертоарот во театарот - изјави Ангелов.
Роланд Шимелфениг е еден од највозбудливите гласови на модерниот театар. За него слободно може да се каже дека е моментално најиграниот и најпоставуваниот современ автор во Европа.