Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Премиерот Никола Груевски денеска е во обиколка на Куманово и кумановско, при што ги слушна проблемите на граѓаните и вети нивно решавање.
Го посети селото Романовце, основните училишта “Толи Зордумис“ каде се заменуваат прозорци и кровна конструкција и “Браќа Миладиновци“ каде се врши реновирање со 12 милиони денари на фасади, прозорци и врати. Премиерот и заменик министерот за образование, Спиро Ристоски рекоа дека “Браќа Миладиновци“ не е реновирано од 1977 година.
Премиерот се сретна и со жителите на населбата Гоце Делчев, од каде најавија дека кога ќе се изгради новиот Ургентен центар, Центарот за зависници ќе биде преместен во тој објект.
Ние сме подготвени за градба на Ургентен хируршки центар. Штом ја добиеме дозволата за градба од општината, штом се среди тоа, се ослободува простор за дислокација. Сега е на ред општината да ни даде дозвола за градба, после е на нас, после ние сме на потег. Тоа е најгорливиот проблем - изјави премиерот.
Пратеникот Зоран Ѓорѓиевски и советникот Мирослав Стојановски потенцираа дека голем проблем е немањето простор во градинка, на што премиерот рече дека ќе биде разгледана опција за изградба на нова градинка или адаптација на постоечки простор.
Градба на нова градинка е потешко, набавки, а преадаптација на некој простор би било полесно - додаде Груевски.
Жители на населбата Проевце побараа да се направи патот од место викано Бејтови ниви до маркет Туш, за што министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски вети дека ќе се заложат за овој проблем. Премиерот до крајот на денот ќе се сретне со жителите на село Пчиња и неколку села во општина Старо Нагоричане.