Претставата „Соѕвездија“ утревечер премиерно пред кумановската публика

16.09.2021 17:34 | Сузана Николиќ

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, утре во 20 часот премиерно ќе биде прикажана претствата „Соѕвездија“ во режија на Нела Витошевиќ, по текст на Ник Пејн, а во изведба на актерската екипа на Театар Куманово. 

Претставата „Соѕвездија“ утревечер премиерно пред кумановската публика

Претстава зборува за изборот на одлуки што го дефинираат правецот на нашиот живот, за слободната волја, за улогата на случајноста и неочекуваните ситуации (што ни ги носи животот), за загубата и разделбите од најблиските. 

Шест актери, ослободени од претензија за атрактивност и допадливост, постепено градат мозаик од стилски повторувања на зададена тема, кој прераснува во мошне прецизен механизам и ја развива до крај драмски софистицираната приказна за љубовта помеѓу пчеларот Роланд и физичарката (космолог) Мериен. 

Прикажани се сите етапи на нивната врска од запознавањето, радоста, лутината, осветољубивоста заради неверство, до фазата на соочување со болест и смрт. Секоја сцена се одвива помеѓу истите два лика, но во различен свет и со различен исход. 

Во претставата играат: Александра Пешевска, Мирослав Петковиќ, Нина Максимова, Марко Трајковиќ, Владанка Крстевски, Давид Илиќ.

 Асистент на режија е Драгана Гунин, сценографијата е на Васил Христов, музиката е на Огнен Анастасовски,  костимите се на Розе Трајческа.

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk