Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Паметам прочки од детството во моето село кога на некој начин светнуваше некоја посебна, свечена добрина и топлина на лицата на селаните.
Многу нешта со годините ми отидоа во заборав, но од празниците како што е денешната Прочка ми се врежаа одредени слики што, ми се чини, никогаш нема да ги заборавам. Паметам прочки од детството во моето село кога на некој начин светнуваа некоја посебна, свечена добрина и топлина на лицата на селаните. За чудо, на Прочка и од очите на дедо, инаку најчесто строго и намуртено старчиште, некако ќе исчезнеше строгоста со која ги контролираше работите во семејството (и пошироко во селото) па ние децата ќе можевме да си ги пуштите умовите на пасење, да се подзаборавиме во лудориите, едноставно - да бидеме едноставно деца малку повеќе отколку инаку ни дозволуваа нашите стари. На прочките што ги запаметив од детството се сеќавам како на посебни денови. По цел ден собиравме сучки по нивите и меѓаците, кубевме слама од плевните и ја редевме на купчиња по ридот над куќите за вечерта да палиме калавешници. Со големо нетрпение чекавме да истече денот, да падне првиот самрак та да ги распламтиме нашите огнови. За миг целото село пламнуваше. Од Таировци горе под Липац до Анот на Младеновци, долу кај реката гореа огнови и вревеа деца. Ги прескокнувавме огновите, се тркалавме по ледините, си ги црневме лицата со пепелишта од сламата. Се јуначевме во прескокнувањата на огновите, се заборававме во игрите на празничната вечер до толку што се случуваше некој од дечиштата, тие што сакаат да се најјунаци да си отидат дома со изгорени гаќи, а богами и со понекоја изгореница по рацете или лицето. Потоа, дома, откако ќе се позамиеме од калавешниците, седнуваме на празничната вечера. На вечерата (мрсни јадења, баници и погачи) и‘ претходеше највозбудливата епизода од прославувањето на Прочка: баба ми ќе врзеше излупено јајце на канап на греда среде одајата и ќе го нишаше над нашите зинати уста за кој од децата да го дофати и да го гризне со забите, та цела година да има среќа и здравје. Тоа ламкање на мазното волшебно јајце беше возбудливо, но и ѓаволски тешка работа. На крајот, за мир во куќата обично јајцето завршуваше во забите на најмалото дете, зашто инаку ќе се случеше голема плачка. Потоа следуваа церемониите на општо простување во семејството, по трипати - ,,прости ми, нека ти е просто‘‘ и на крајот богатата вечера, последна мрсна од на крајот од долгата студена зима. Утредента настапуваат долгите велигденски пости. Тој ден е ,,Чист понеделник‘‘. Чист од опростените гревови на вчерашната Прочка, чист по метењето на одаите и дворовите, чист од се‘ што било лошо до вчера. Тој ден жените поранко тргнуваат на големото прање алишта и черги. Се распалуваа огништа покрај чешмите во доловите и надалеку ќе одекнуваа пирајките во рацете на селските домакинки. А во крошните на штотуку запупените бресја тенко ќе зашумеше првиот топол развигор. Ќе го навестеше доаѓањето на пролетта и летото. И се‘ така, до Вјека Вјеков!
Столе Божиновски