Продолжуваат подготовките за изградба на новиот крак на „Октомвриска“
Продолжуваат подготовките на теренот за изградба на новиот крак од булеварот „Октомвриска револуција“, кој треба да се поврзе со ул. „Братство Единство“.
Според Момчило Јовановски, заменик-раководител во Секторот за комунални работи, во тек е дорасчистување на теренот и создавање услови за отпочнување на градежните работи за поставување на подземната инфраструктура на булеварот.
„Планирано е да се работи на должина од околу 230 метри, на потегот од ЕВН до улицата „Братство Единство“. Таму има уште тополи и грмушки. Откако ќе се расчисти теренот, доколку дозволат временските услови, ќе се започне со ископи за поставување на нова водоводна мрежа, атмосферска канализација, гасна мрежа и сè друго што е предвидено со проектот“, вели Јовановски.
Проектот за изградба на кракот од „Октомвриска“ ќе чини околу 25 милиони денари.
Јовановски објаснува дека дури по завршувањето на овој крак ќе се отпочне со изградбата на новиот кружен тек, бидејќи, во спротивно, би се нарушил нормалниот проток на сообраќајот. Според очекувањата, тоа би требало да се случи напролет.
Првичните најави беа дека „Октомвриска“ и кружниот тек ќе се градат на есен, откако ќе се намалат сообраќајните гужви поради престојот на гастарбајтерите во земјата во текот на летото.
Тендерот го добила фирмата „КООП инжинеринг“ од Куманово.

