Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со сослушување на вешти лица од областа на градежништвото и економско-финсиското работење, денеска во Основниот суд Куманово, продолжи судењето против градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, обвинет од ОЈО Куманово за злоупотреба на службената положба и овластување, по пријава на двајца кумановски бизнисмени.
Вештите лица ги повторија своите наоди и мислење врз основа на кои е поднесен обвинителниот предлог против обвинетиот Димитриевски.
„И едното и другото вешто лице потврдија дека со своите постапки во делот на градежништвото градоначалникот го прекршил законот за градење, со тоа што не издал навремено пресметка за надомест за изградба на земјиште, додека во економскиот дел колкава е висината на претрпена штета на двете оштетени правни лица. Одбраната се обидуваше висината на штетата да ја намали, некои трошоци сака да ги претстави како нужни, меѓутоа тоа е просто невозможно, со тоа правната квалификација нема да се промени, само ставот од истиот член. Во меѓувреме градоначалникот ја потпишал дозволата за градба , но тоа не ја намалува неговата вина, бидејќи не постапил во рамките на своите овластувања и надлежности дадени со законот за градење и со тоа ја предизвикал штетата“, кажа адвокатот на бизнисмените, Виктор Божиновски.
Фирмите „УПМ-ГРУП“ и „Хромак“ од Куманово бараат оштета од 3,3 милиони денари, средства кои ги потрошиле за документацијата која е неопходна за добивање на дозвола за градба, како и за 4 договори и уплати на три фирми за отпочнување на работите на терен како подготовка за градежните активности. Со тоа што градоначалникот не им ја потпишал дозволата за градба во предвидениот законски рок туку после 1 година тие претрпеле штета, која бараат сега да им се надомести.
Одбраната повеќе од 2 часа поставуваше вкрстени прашања на вештите лица, по што кажа дека не ги прифаќа нивните наоди и мислења, затоа што ги смета за необјективни и пристрасни, и дека усното произнесување е контрадикторно со писмениот наоди и мислење. Адвокатите рекоа дека вештачењето е изработено врз основа на селективни докази, без присуство на одбраната. Затоа побараа од судот да не ги прифати презентираните наоди, бидејќи немаат доказна вредност.
Според обвинението, Димитриевски од април 2023 како градоначалник на Општина Куманово не ја извршувал својата службена должност и не го потпишал решението за градба и пресметката за надомест за уредување на градежно земјиште на правните лица „УПМ-ГРУП“ и „Хромак“ од Куманово. Со тоа сторил едно кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.4б.б.ст.1 од КЗ.
Димитриевски тогаш кажа дека обвинението е монтирано со цел да му се наруши угледот и да се дискредитира пред изборите. Бизнисмените го повикаа да не изигрува „жртва“ туку да го почитува законот и одлуките на надлежните институции и на повисоките судови.
Следното судење е закажано за 2 октомври, кога ќе бидат изведени писмени докази на обвинителство и на одбраната.